Бит Фест ќе се затвори со концерт на Владо Јаневски

Последните денови на најобемната културна манифестација во земјава, битолски Бит Фест, утре и в петок, ќе бидат се исполнети со интересни содржини, а затворањето на годинашното издание ќе биде со концерт на Владо Јаневски.

Бит Фест утре на публиката и нуди концерт на КУЛИ, насловен „Меланхолична вечер“. Ќе почне во 21 часот на Летна сцена на Тумбе кафе.

В петок со почеток во 19 часот во културниот центар Магаза ќе се одржи книжевно дружење со Венко Андоновски, под наслов „Сиже и фабула“. Еден час подоцна, во Магаза ќе биде отворена изложба „Бит Фест 2014“ на Сашо Ристевски.

Истовремено, односно со почеток во 20 часот, во античкиот локалитет Хераклеја ќе биде проектиран документарниот филм за Бит Фест насловен „Битола-град сцена“. Еден час подоцна, во 21 часот, ќе почне концертот на музичката ѕвезда Владо Јаневски, со што ќе заврши годинашното издание на овој летен културен фестивал.