Битфест: Промоција на документарецот „Музеите на Битола”

„Музеите на Битола”е насловот на документарниот филм што вечерва ќе биде промовиран во рамки на Битфест во Битола. Филмот е фокусиран на музејското богатство на Битола, при што низ исказите на историчари, етнолози, археолози и туристички водичи, гледачот има можност да се запознае со сите музејски поставки во Битола и нејзината околина.

Низ една динамична приказна филмот “Музеите на Битола” ја доловува сликата за Битола како град музеј под отворено небо, презентирајќи ги сите музејски поставки во градот, односно Заводот-Музеј, Спомен собата на Мусфата Кемал Ататурк, Спомен куќите на Гоце Делчев и Стив Наумов, Музејот на албанската азбука, Музејот посветен на Евреите, Музејот Вагнер Лала, Хераклеја Линкестис, како и Авто и етно музејот во битолското село Крклино.  Но, покрај класичните музејски поставки, филмот ги третира и некласичните, бидејќи многу локации во Битола кријат древна и богата историја и претставуваат своевидни музеи под отворено небо како што е случајот со една од најпознатите амбиентални улици на Балканот, битолски Широк сокак, но и Старата битолска чаршија.

Документарниот филм “Музеите на Битола” е во режија на Анета Шијакова, а по сценарио на Каролина Николоска. Филмот е продуциран во соработка со Завод Музеј Битола, Музејот на албанската азбука во Битола и Авто и етно музејот Филип. Промоцијата ќе се одржи вечерва во 22 часот во културниот центар “Магаза” во Битола.