Македонија

Битола го одбележува Денот на ослободување

Битола го одбележува Денот на ослободување

Со повеќе активности и настани, општина Битола го одбележува Денот на ослободувањето на градот – 4 Ноември. Програмските активности започнаа на 31 октомври со Конференција на тема „ИТ иновации во бизнис опкружувањето“ и „Свеченото отворање на дваесет и вториот интернационален фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“. На први ноември се одржа меѓународен шаховски турнир за слепи лица, промоција на книгата „Битола низ разгледници“ од авторот Димче Најдов, промоција на ЦД и ДВД од концертите „Хармониките“  и „Македонски непокор“, а во организација на Младинскиот европски форум во спортската сала „Младост“ со гостување на познати ди џеи се одржа „DREAM LIVE FESTIVAL”.

Како дел од програмските активности кои се реализираа вчеравечер, Битола доби нов Почесен Конзулат. Имено, во присуство на голем број гости беше отворен Почесниот конзулат на Република Босна и Херцеговина, а за почесен конзул е назначена Билјана Дамјановска Јанчевска. Веднаш после свеченото отворање на конзулатот, во НУУБ „Свети Климент Охридски“, концерт одржа пензионерската пејачка група „Сирма војвода“, а на Широк Сокак со рекорден број учесници – над илјада основци, средношколци, студенти и граѓани се одржа традиционалната ноќна атлетска трка во организација на Сојузот на спортови од Битола и Сојузот на Училишен спорт. Во Културниот центар Магаза беше отворена традиционалната ликовна изложба во организација на Друштвото на ликовни уметници од Битола.

Денес, на 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола, после традиционалниот прием во Кабинетот на градоначалникот на претставници на Општинскиот одбор на Сојузот на борци – Битола и полагањето свежо цвеќе на споменикот на НОАВМ, во 12.00 часот во Кабинетот на градоначалникот организиран е прием на гостите од збратимените градови, а Свечено ќе биде потпишан и меморандум за соработка со градот Нингбо – Народна Република Кина.

Вечерва од 19.00 часот во НУ Народен театар ќе се одржи Свечено доделување на наградата „4 Ноември“. Уметничката програма „За моја Битола“ ќе биде збогатена со Камерниот оркестар од Битола и изведувачите Каролина Гочева, Ламбе Алабаковски, Бојан Стојков и Ирена Димовска – Митревска.