Битола и Нингбо ја подобруваат соработката

Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески и Конг Веивеи-директор на канцеларијата за надворешни работи во кинескиот град Нингбо денес потпишаа договор за соработка кој овозможува развивање на контактите на економски и културен план, инвестирање и промоција на национални производи од двете држави.

Основите на соработката меѓу Битола и Нингбо се на потпишаните договори меѓу Владите на Република Македонија и НР Кина, кои овозможуваат ширина и големи можности, беше нагласено на денешното потпишување на договорот по повод Денот на ослободувањето на Битола – 4 Ноември.

SONY DSC

„Расположението за соработка на Нингбо со Битола и нивното лично присуство во нашиот град за големиот празник има големо значење и е со важни пораки. Овој развиен град во Кина како што го нарекуваат портата на Кина за светот на Битола и нуди конкретна соработка и верувам дека ќе успееме. Гостите од Кина ќе ја посетат индустриската зона „Жабени“ и очекуваме конкретни предлози и инвестиции во зоната затоа што во нејзина непосредна близина е железничката пруга која наскоро ќе биде обновена и преку неа ќе се овозможи директна сообраќајна комуникација со пристаништето во Солун. Стратешките предности на Битола дополнително ги мотивираат нашите пријатели од Нингбо, рече градоначалникот Владимир Талески на денешниот свечен настан.

Директорот на канцеларијата за надворешни работи во градот Нингбо, Конг Веивеи, нагласи дека кинескиот град Нингбо има 7 милиони жители и во него се наоѓа едно од најголемите пристаништа на светот, односно според последните статистички податоци пристаништето Нингбо е петто по големина на земјината топка.

DSC_0329

„Соработката ќе се одвива на повеќе нивоа, односно општествените и економските сфери, земјоделството, туризмот и инвестициите, образование и други области. Чекор по чекор луѓето во Кина, и посебно претприемачите ќе дознаваат за условите за инвестирање во Битола и верувам дека поволностите ќе бидат искористени. Со задоволство ќе ја посетиме индустриската зона „Жабени“, а заинтересирани сме за производите од Македонија кои ги вкусив и се прекрасни. Тука сонцето грее повеќе од 300 денови во годината, а тоа се одлични услови за одгледување на житни растенија и други земјоделски производи. Во НР Кина се организираат бројни саеми за земјоделци и затоа уптаувам отворена покана за нивна промоција во нашата земја“, рече Веивеи.

И двете страни веруваат дека започнатата соработка ќе се одвива со интензивна комуникација и активности од двете страни. На денешниот настан претходеше посета од страна на делегација на општина Битола на градот Нингбо, со што веќе се воспоставени добри контакти кои во иднина дополнително позитивно ќе влијаат на соработката помеѓу двете општини.

На потпишувањето на договорот за соработка меѓу општина Битола и градот Нингбо присуствуваше и амбасадорот на НР Кина во Република Македонија Вен Џеншун, како и претставници на збратимените градови и општини од Франција – Епинал и Стари град – Белград – Србија.