Битола ќе добие нова инвестиција вредна 12 милиони евра со 600 нови вработувања

Инвестицијата денеска ја најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по промоција на книги светската литература.

– Како што кажав пред неколку дена најавив три инвестиции кои беа објавени во три различни дена. Денеска грчката компанија од Атина ја објави својата инвестиција за која што веќе има купено земјиште од 45 илјади метри квадратни во индустриската зона Жабени во Битола. Земјиште на кое ќе изгради хала во две фази во кои ќе се вработат вкупно 600 луѓе. Во првата фаза 150, а останатите во втората фаза. Значи нови  600 работни места, 600 луѓе кои се невработени ќе бидат вработени. Дополнително на ова ќе има и индиректни работни места, изјави Груевски.

Тој додаде дека грчката компанија ќе инвестира вкупно 12 милиони евра од кои 5 милиони евра во првата фаза и планираат да извезуваат во поголем број држави главно во Германија, но голем дел од производството ќе оди и за Шпанија, Јапонија, Канада и поголем број други држави.

– Тоа е збогатување на државата со уште една компанија, со уште палета нови производи и што е најважно со отворање нови работни места во нашата држава, она што најмногу луѓето го бараат. Невработените за да добијат работа, но и вработените затоа што колку се намалува бројот на невработени толку почнува да расте и цената на трудот и платите на вработените, истакна Груевски.