Битола: Пуштени во употреба нов локален пат и повеќенаменско спортско игралиште

Новиот локален пат кон селото Лавци и повеќенаменското спортско игралиште во ОУ „Даме Груев“ – Битола денеска беа пуштени во употреба од страна на министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски.

Новиот асфалтен пат, долг 758 метри, е инвестиција финансирана со средства што Владата ги обезбеди од ЕБРД и во соработка со општина Битола.

– Граѓаните на Лавци овој пат го бараа подолго време и затоа беше составен дел на владината и општинската програма на градоначалникот Талески. Владата обезбеди 5,5 милиони денари, а останатите 2,3 милиони ги обезбеди општината. Секогаш кога општините, градоначалниците, имаат добри проекти, Владата излегува во пресрет и помага со цел да се развие патната инфраструктура во Република Македонија, а со тоа и економијата бидејќи инфраструктурата е еден од најзначајните сегменти за развој на економијата во урбана или рурална средина, истакна  Ивановски.

Министерот го пушти во употреба и новото повеќенаменско спортско игралиште во ОУ „Даме Груев“, во придружба на директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески и нивниот денешен домаќин, градоначалникот Владимир Талески.

– Во ова училиште изучиле и врвни спортисти, познати фудбалски легенди кои израснале во ОУ „Даме Груев“, а настапувале и за државната репрезентација. Време беше да се направи модерно повеќенамснко игралиште, а во Битола ќе се градат и други вакви објекти бидејќи заложбите на Владата се да им се овозможи на младите повеќе да тренираат, да водат здрав живот и да имаме наши амбасадори кои преку спортот ќе ја претставуваат Република Македонија во светот, истакна Ивановски.

Повеќенаменското спортско игралиште е во рамки на владиниот проект за „Изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта“ кој го реализираат Агенцијата за млади и спорт и локалните самоуправи, и е 19-то по ред целосно изградено игралиште, а наскоро свечено во употреба ќе бидат предадени уште 35 повеќенаменски спортски терени низ државата, потври Марјан Спасески, директор на Агенцијата за спорт и млади.

Во општина Битола во завршна фаза е изградбата на три тениски терени, а до крајот на 2018 година ќе бидат изградени уште четири со што ќе биде заокружен процесот на изградба на капитални спортски терени во оваа локална самоуправа.

– Со владината и поддршката на Агенцијата за спорт и млади, нашата програма е проширена и надградена. Во изминатиот период општина Битола изгради над 20 спортски терени, три спортски сали, тениски терени и интервенции врз помошниот и градскиот фудбалски стадион. Најновиот проект, повеќенаменското спортско игралиште е голема придобивка и за мене носталгично навраќање на времето кога тука учев и кога ги немавме потребните услови за спортување како што сега имаат денешните генерации и затоа им помагаме да се развиваат, едуцираат и да постигнат врвни спортски резултати, истакна градоначалникот Талески.