Битолчанка меѓу 50. најдобри наставници во светот

Битолчанката Весела Богдановиќ, учителка во основното училиште “Кочо Рацин” во село Ивањевци, во конкуренција на илјадници просветни работници од цел свет, влезе во изборот на педесетте најдобри наставници, во изборот кој го организира “Varkey gems fondation”, чиј претседавач е поранешниот американски претседател Бил Клинтон, пишува Вест.

Натпреварот продолжува до летото идната година, кога во Дубаи ќе биде прогласен најдобриот наставник на светот, кој ќе освои награда од милион долари.

Богдановиќ е пример колку може да биде креативен наставниот процес дури и во мало селско училиште во рурална средина, како што е “Кочо Рацин” во село Ивањевци, Општина Могила. Таа живее во Битола, но веќе 12 години секој работен ден патува до нејзиното работно место, и училишните часови ги претвора во креативни работилници во кои децата учат преку игра.

“Моето мото е учење низ игра. Им предавам на осуммина ученици во второ одделение, а на часовите, преку игра, им го олеснувам наставниот материјал, да немаат тежина во учењето. Се преоблекуваме како јунаци од детските цртани филмови и бајки, правиме изработки од отпадни материјали. И математичките задачи ги подготвувам со ликови од бајките. Креативните сцени ги поставуваме во училницата и надвор од неа”, вели Богдановиќ.

Нејзина визија е да направи бесплатен едукативен комплекс дисперзиран на повеќе делови од територијата на Македонија каде што и посиромашните деца ќе можат да присуствуваат на креативни работилници за учење.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.