Бизнис директориум за зајакнување на соработката со странските инвеститори

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија креираше Бизнис директориум како алатка за зајакнување на соработката меѓу домашните компании и странските вложувачи во земјава.

Претседателот на Советот Хуан Педро Наваро, истакна дека Директориумот претставува интегрирана база на податоци за македонските претпријатија, групирани по големина, профил, дејности, број на вработени, остварена добивка, преку кој, заинтересираните инвеститори можат едноставно и брзо, во секое време, да најдат фирма која одговара на нивните потреби. Целта е да се олесни соработката.

– Македонските компании имаат капацитет и знаење и исполнуваат критериуми за релевантни партнери на странските инвеститори. Ги охрабруваме да го понудат она што можат, нагласи Наваро.

Како пример ја посочи „АрчелорМитал“, фирмата од каде што доаѓа, која моменто брои преку 300 македонски соработници.

Според Наваро, неопходно е време за стекнување доверба меѓу компаниите. Тоа е еден од условите за воспоставување соработка. Но, инвеститорите што се подолго во Македонија, можат своите искуства со локалните фирми да им ги пренесат на другите, поскоро дојдени или што размислуваат да дојдат.