Бизнис можностите на Македонија презентирани на Евроазискиот самит

Можностите за водење бизнис што им ги нуди Македонија на странските инвеститори беа презентирани во Истанбул во рамки на 18. Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара.

На иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов, кој присуствува на самитот, се одржа сесија на која присуствуваа повеќе од 100 компании од градежништвото, енергетиката, здравството, земјоделството, транспортот и логистиката.

Претседателот Иванов ги запозна бизнисмените со поволниот инвестициски амбиент во Македонија, со состојбите во македонската економија, како и со оценките на релевантните меѓународни фактори за реформските процеси и економските резултати.

Покрај македонскиот претседател, на сесијата се обратија и министрите за странски инвестиции Џери Наумоф и Фуркан Чако кои се осврнаа на поволностите што ги имаат странските инвеститори, а беше истакната и отвореноста на Македонија за влез на нови инвестиции.
Претседателот на Управниот одбор на компанијата „Чемлак“ која произведува земјоделски машини најави можност за инвестирање во Македонија.

Денеска претседателот Иванов ќе се обрати на сесијата на претседатели на тема „Патот до мирот: Каде оди хуманоста?”. Според агендата предвидено е да оствари средба и со Вселенскиот Патријарх Вартоломеј.

 

ФОТО: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.