Бизнисмени од Македонија и Србија: Економската соработка да биде пред политиката

Стопанските комори на Македонија и Србија апелираат до владите на двете држави да направат се што е потребно за да не се нарушат добрососедските односи бидејќи добрите политички односи се предуслов за зголемување на трговската размена.

Стопанската комора на Македонија денеска соопшти дека на последната средба во Скопје претседателите на Македонската стопанска комора и на Стопанската комора на Србија, Бранко Азески и Марко Чадеж констатирале дека економската соработка треба и мора да биде пред политиката.

Македонија и Србија традиционално соработуваат економски, но имаат соработка и во различни регионални и мултилатерални иницијативи. Последните пет години обемот на трговската размена меѓу двете држави надмина 600 милиони евра годишно, со тенденции за раст. И во однос на инвестициските вложувања меѓу двете држави забележани се позитивни трекови.

– Во рамките на регионалната соработка посебно треба да се истакне основањето на Коморскиот инвестициски форум во август 2015 година, со цел со заедничко коморско дејствување, соработка и усогласување на активностите заеднички да се придонесе за развој на конкурентноста на економиите во регионот. Секако, треба да се истакнат и иницијативите за унапредување на соработката по дејности, особено во металната и електроиндустријата, како и во градежништвото, со формирање на конзорциуми и други облици на здружување, со цел заеднички настап на пазарите во Западен Балкан, како и на трети пазари. Ефикасната соработка во областа на градежништвото и индустријата за градежни  материјали помеѓу сите стопански комори од регионот на Западен Балкан ќе придонесе за заедничка реализација на конкретни проекти и заеднички настап на трети пазари, се наведува во соопштението на Стопанската комора на Македонија.