Бјелица е прв МВП кој доаѓа од турски клуб

Српскиот репрезентативец и член на Фенеребахче, Немања Бјелица е избран за најкорисен кошаркар во регуларниот дел од Евролигата.

Ова беше соопштено на специјалната церемонија во Мадрид, која се одржа во пресрет на фајнлфор турнирот што викендов ќе се игра во шпанскиот главен град.

Бјелица беше најзаслужен за извонредната сезона на Фенербахче Улкер и пласманот на оваа екипа на Ф4, па сосема заслужено се закити со оваа награда откако неколку пати во текот на сезоната беше избиран за “кошаркар на месецот”.

Бјелица сезонава имаше одлични бројки од 11,9 поени, 8,6 скокови, 1,9 аситенции и 1,2 украдени топки по натпревар, со што крилниот центар воедно стана првиот МВП на Евролигата што доаѓа од турски клуб.

Фенербахче Улкер утре во второто полуфинале ќе се сретне со домаќинот Реал Мадрид, откако во првиот меч силите ќе ги одмерат ЦСКА Москва и Олимпијакос.