Благодарение на САД во светот ќе се прошири тероризмот

Ноам Чомски рекол дека „свиркачот“ за НСА (whistleblower – лице што, како судијата во спортот, предупредува на некое неправилно однесување) Едвард Сноуден е вистински патриот што ги разоткрил огромните надзорни програми што немаат никаква врска со борбата против тероризмот.

Угледниот интелектуалец го дал овој коментар во големо интервју за емисијата „Демократија сега!“ (Democracy now!), коe се емитувало во вторникот.

Чомски рекол дека Сноуден треба да биде добредојден да се врати во САД од Русија, каде што добил азил, со сите почести, бидејќи „ја извршил својата обврска како граѓанин“.

Сноуден „ги информираше американските граѓани за тоа што им го прави нивната влада. Тоа е токму она што би го направил секој што е вистински патриот, не од тие што само веат знамиња, туку вистински патриот. Затоа, нему треба да му биде оддадена почест, а не само да му се дозволи да се врати“, рекол Чомски.

„Луѓето во Владата се тие на кои треба да им се суди, а не нему“, продолжил тој.

Чомски додал дека ниту системот за надзор што Сноуден го изложи ниту програмата на беспилотни летала – и покрај тврдењата на надлежните – немаат цел борба против тероризмот.

Програмите на НСА се „со намера да се контролира населението“, рекол тој. Програмата за беспилотни летала на Обама Чомски ја нарекол „глобална убиствена програма, далеку најлошиот чин на терор во светот“.

Повторувајќи ги коментарите на многумина, меѓу кои се и добитничката на Нобеловата награда Малала Јусафзаи, па дури и ЦИА, тој рекол дека програмата на беспилотни летала е и контрапродуктивна.

Таа е „програма за генерирање тероризам“, која помогнала да се поттикне подемот на Ал каеда.

„Постоеше мала група во племенските области главно на Пакистан и Авганистан, Ал-Каеда, и ние успеавме да ја рашириме низ целиот свет. Сега сите тие се насекаде – знаете, Западна Африка, Југоисточна Азија – едноставно генерирајќи сè повеќе и повеќе терор. А јас не мислам дека, знаете, дека САД намерно се обидуваат да генерираат терор. Едноставно ним не им е гајле“, рекол Чомски.