Македонија

Благоја Куновски нов директор на „Браќа Манаки“

Благоја Куновски нов директор на „Браќа Манаки“

Благоја Куновски – Доре е избран за нов директор на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ што ќе се одржи од 10 до 18 септември годинава во Битола, информира Друштвото на филмски работници на Македонија.

Филмскиот продуцент Благоја Насков на денешната прес-конференција рече дека на вчерашното Собрание на Друштвото на филмски работници на Македонија била разгледана програмата на единствениот кандидат пријавен за оваа функција и без гласови против е избран Благоја Куновски – Доре за нов директор, што ќе раководи со Фестивалот во наредните две години.

Искрено се радувам што Доре по 20 години како уметнички директор и главен селектор на фестивалот „Браќа Манаки“ оваа година ќе го води Фестивалот од највисоката позиција како директор. Сметам дека неговото искуство ќе придонесе за тоа Фестивалот да си го врати местото кое му припраѓа и да добие нова димензија на која сите ќе се радуваме, рече Насков, пренесе МИА.

Новоизбраниот директор Благоја Куновски – Доре истакна дека претставува големо задоволство и пред се обврска да се одржи високото ниво и светскиот углед на фестивалот „Браќа Манаки“.

Полека се приближуваме кон четири децении и ги повикувам сите заедно да работиме за одржување на големото светско реноме на фестивалот „Браќа Манаки“.  Сите заедно со тој поттик да направиме уште едно успешно фестивалско издание, како што ни доликува, рече Куновски – Доре.

На новинарско прашање во врска со вчерашното Собрание и телефонското гласање Насков одговори дека дурштвото сметало дека новиот директор треба да биде избран токму пред Канскиот фестивал кој почнува утре, бидејќи таму се покануваат гости и гледаат филмовите.

Во однос на самото Собрание, посочи дека голем дел од колегите поради професионални обврски не можеле да присуствуваат и бил искористен член 40 од Статутот на друштвото, што дозволува гласањето да биде извршено преку телефонска врска. Тој нагласи дека членовите подоцна во електронска форма  потврдиле дека гласале за програмата на Доре и неговиот избор како директор на Фестивалот.

Продуцентот и поранешен директор на фестивалот Горјан Тозија рече дека членовите на друштвото на поранешниот директор Димитар Николов – Таки, најмногу замеруваа поради носењето одлуки кои се надвор од неговите ингеренции, а се однесуваат на иднината и карактерот на фестивалот.

Преку соопштение до медиуми поранешниот директор Димитар Николов – Таки упати честитка за изборот на Благоја Куновски – Доре за нов директор на фестивалот.

Мислам дека во оваа тешка ситуација, Вие сте единствениот што може на своите раменици да го изнесе тешкото бреме кое ќе го носи годинешново издание. Како мој најблизок соработник на изминатото издание и во подготовките на годинешново издание кои ги почнавме уште во ноември 2015 –та година, мислам дека ќе можете да се справите со сите предизвици, се наведува во честитката на Николов.