Блиндираниот „мерцедес“ нема да се продава додека е предмет на судски процес

Постапката за продажба на блиндираниот „мерцедес“ е запрена, како што веќе беше соопштено, бидејќи судскиот процес е во тек и до негово завршување и добивање допис дека тој повеќе не е предмет на судски процес ќе излеземе со нови информации, изјави во средата на прес-конференција портпаролот Миле Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање дали возилото ќе остане за потребите на Владата зашто се користи за превоз на високи странски функционери.

Владиниот портпарол смета тоа не е единственото возило во Министерството за внатрешни работи со безбедносни стандарди за заштита на високи делегации кои престојуваат во Македонија, но рече дека не може да го потврди тоа.

Во врска со подготовките за формирање Оперативно-техничка агенција, која треба да почне да работи во ноември, Бошњаковски одговори дека процесот е во Собранието и пред два дена е објавен огласот за именување директор.

„Во моментов Собранието донесе одлука да се објави јавен оглас за именување директор на оваа агенција и тоа е постапка во Собранието“, рече Бошњаковски.

Владата на вчерашната 69-та седница донела одлука за давање согласност за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште за изработка на проектот за инфраструктура за изградба на главен доводен цевковод во полошкиот регион кој ќе покрие повеќе општини.

Бошњаковски на прес-конференцијата информираше и дека во вторникот била донесена и одлука за вработувања на неопределено време во основните и средните училишта, формирана е работна група за решавање на проблемот со линданот во АД „Охис“ и дека е усвоена информација за формирање работна група што ќе подготви документација за спроведување тендерска постапка за избор на универзален снабдувач со електрична енергија.