Близу Неготино најдени фосилни остатоци од слон

Во близина на селото Долни Дисан, Неготино се пронајдени фосилни остатоци од слон. Како што дознаваме, се работи за изумрен вид на слон чија старост се проценувала на околу осум милиони години.

Пронаоѓањето на скелет од изумреното животно е наод со големо научно значење.

Палонтолошки екипи од Природонаучниот музеј на Македонија и Природонаучниот музеј од Софија од дваесетти април годинава започнале со ископување фосилни остатоци од изумрениот вид на слон (Choerolophodon pantelici). Овој животниски вид живеел на тревести живеалишта, слични на саваните и се смета дека е постар од мамутите.

Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски ќе го посети локалитетот утре во десет часот, каде ќе бидат презентирани деталите околу откритието – ни изјавија од министерството.

Со поддршка на Министерството за култура преку програмата за музејска дејност, стручни тимови од Природонаучниот музеј од Скопје и Природонаучниот музеј од Софија, Бугарија, ќе ги колекционираат пронајдените остатоци.