Блокиран автопатот Белград-Скопје

Aвтопатот Белград-Скопје е блокиран кај местото Бресница од страна на незадоволните работници на компанијата „Јумко“ од Врање, кој започнаа да штрајкуваат на 13 јануари, а  денеска го радикализираа штрајкот, пренесува Република.мк.

Како што изјавил  претседателот на Самостојниот синдикат на „Јумко“, Слаѓан Митиќ,  за агенцијата Бета, група од околу 1.400 работници не дозволуваат да помине ниту едно возило, така што од правецот на Белград е формирана колона од возила до Владичин Хан.

„Работниците нема да ја тргнат блокадата на автопатот, додека не ни се обрати  премиерот, или првиот потпретседател или министерот за економија“, рекол Митиќ.

Тој навел дека барањата на работниците  се исплата на заостанатите плати и почитување на Законот за работа.

Работниците на холдингот на компанијата „Јумко“, која е во мнозинска сопственост на државата, го почнаа штрајкот на 13 јануари во кругот на фабриката, за да  од 5 февруари го радикализираат и да започнат со протестни поворки до Градското собрание во Врање, се до денеска кога протестот се прошири на блокада на автопатот Белград-Скопје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.