Блокиран имиграцискиот план на Обама

Американски федерален судија привремено го блокира имиграцискиот план на американскиот претседател Барак Обама, со кој приближно пет милиони лица кои илегално престојуваат во САД ќе бидат заштитени од депортација, објави МИА.

Благодарение на оваа судска одлука за блокада, коалицијата од 26 сојузни американски држави има време да поднесе тужби со цел трајно да ги запре наредбите на Обама, пренесуваат американските медиуми.

Коалицијата, предводена од Тексас и другите главно конзервативни држави на Средниот запад и Југот, тврдат дека Обама ја прекршил „клаузулата за грижа“ во американскиот Устав, која, како што тврди коалицијата, го ограничува обемот на овластувања на претседателот на САД.

Белата куќа одговори дека Обама правилно постапил со своите овластувања.

Според коалицијата, планот на Обама неминовно ќе доведе до зголемување на напорите за спроведување на законот, здравствената нега и образованието.

Републиканците во Конгресот ветуваа блокада на акцијата на Обама за имиграцијата, со намалување на финансирањето на оваа програма. Поддршка на Обама му дадоа главно либералните држави, вклучувајќи ги Вашингтон и Калифорнија, како и повеќе од 20 шерифи и полициски шефови ширум земјата.

Како што наведоа во барањето за поддршка предадено до федералниот суд, планот на Обама ќе ја подобри јавната безбедност благодарение на соработката на полицијата и поединците кои се грижат заради својот имиграциски статус.

Одлуката на федералниот судија нема да има моментален ефект бидејќи една од првите одредби на Обама – да се прошири програмата за заштита на младите имигранти од депортација доколку илегално се доведени во САД како деца, не е одредено да стапи во сила до 18 февруари.

Втората важна наредба на Обама, која ја проширува заштитата од депортација на родителите на американските граѓани и постојани граѓани кои во земјата се веќе неколку години, не се очекува да почне да се применува до 19. мај.

Обама во ноември изјави дека на околу 4,7 милиони илегални мигранти од вкупно, како што се проценува, 11 милиони, ќе им дозволи да останат во САД без страв од депортација.

Во оваа бројка се вклучени 4,4 милиони од оние кои се родители на американски граѓани и постојани граѓани, потсетуваат британските медиуми.