Блокиран профилот на германска пратеничка поради коментар за арапска честитка

Профилот на микроблогот Twittet на пратеничка од десната партија Алтернатива за Германија (AfD) бил блокиран цел ден во понеделникот, поради нејзиниот коментар за новогодишната честитка која германската полиција ја упатила и на арапски јазик.

„По ѓаволите, што се случува во оваа земја? Поради што официјален полициски твит на арапски?“, запраша Беатрикс фон Сторх, една од челничките на евроскпетичната и антидоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD).

Натаму таа коментираше дека полицијата се обидува „да ги смири варварските силувачки муслимански орди од мажи“, алудирајќи на масовните сексуални напади и силувања во текот на ланската новогодишна ноќ, особено во Келн по што само во овој град беа пријавени над 1.200 ициденти.

Од Twitter го блокирале нејзиниот профил на 12 часа, поради кршењето на нивните правила во врска со расистички содржини.

Твитот потоа повеќе не беше видлив, но друга членка на AfD, Алис Вејдел го сподели на својот профил на Facebook, коментирајќи ја владината „покорност“ пред имиграните.

Полицијата во Келн испрати новогодишна честитка на повеќе јазици преку својот официјален профил на споменатата социјална мрежа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.