БМВ отвора фабрика во Унгарија вредна милијарда евра

Германскиот производител на автомобили „БМВ“ објави дека ќе гради нова фабрика за автомобили во источниот дел на Унгарија со капацитет од 150.000 возила годишно, а во која ќе инвестира една милијарда евра.

Овој проект може да придонесе за раст на унгарската економија и зајакнување на нејзината позиција како регионален центар за производство на луксузни автомобили, забележува Ројтерс.

Фабриката ќе биде изградена во близина на градот Дебрецен, кој е 230 километри источно од Будимпешта. Оваа инвестиција ќе му помогне на „БМВ“ да го прошири својот производствен капацитет во Европа, каде што продава околу 45 отсто од своите автомобили.

Нашата нова фабрика во Унгарија исто така ќе бидат во можност да произведува модели на автомобили со мотори со внатрешно согорување и електрични модели на истата линија за производство, рече Оливер Зипсе, член на Управниот одбор на „БMВ“ одговорен за производството.

На овој начин „БМВ“ се приклучи на „Дајмлер“ и на „Ауди“ кои исто така имаат фабрики за автомобили во Унгарија.

На производството на автомобили сега отпаѓа една третина од унгарскиот извоз, но со влезот на „БMВ“ тој би можел да се зголеми најмалку за 40 отсто, изјави Петер Вировач, аналитичар на ИНГ банка во Будимпешта. Тој додава дека фабриката на „БМВ“ може да помогне делумно да се компензира очекуваното забавување на економскиот раст во 2019 и 2020 година, кога ќе пресушат средства од фондовите на ЕУ, како и дека ќе донесе странски инвестиции во помалку развиениот источен регион во Унгарија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.