Боцевски: Политиката не е место за кловнови и палјачовци

Изборите завршија во неделата, а со тоа и претседателствувањето на Зоран Заев со СДСМ. Сето ова што се случува деновиве е еден тажен крај на една политичка кариера. Политиката не е место за кловнови и палјачовци, смета аналитичарот Ивица Боцевски.

-Не велам дека опозицијата не треба да и ги претставува на јавноста сите потенцијални грешки на власта, но ова денеска е гротескно. Паметни луѓе рекле дека историјата никогаш не се повторува освен како фарса. Па, ни „Големото уво“ на Бранко Црвенковски нема да се повтори никако поинаку освен како фарса. Сето ова што денеска е претставено отвара сериозни прашања и дилеми. Зошто СДСМ десет години прикривал информации за потенцијален криминал? Кои институции го прислушкувале шефот на опозицијата во времето на „демократијата, владеењето на правото и почитувањето на човековите права“? Како овие снимки дошле во рацете на приватни лица? Зошто ова не е претставено во 2004, 2005, 2006, 2007, 2008, 2009, 2010, 2011, 2012, 2013 или 2014 година? Зошто ова не е претставено пред првиот круг на изборите?, напиша Боцевски.

Тој смета дека никој повеќе не може да им продаде мачка во вреќа на граѓаните, па ни СДСМ. Затоа, оценува Боцевски, Зоран Заев и СДСМ треба достоинствено да ја завршат оваа кампања, а потоа нека повелат и нека ни прикажат што се имаат во своите тајни сефови и архиви. Јас не верувам дека имаат било што затоа што да имаа одамна ќе покажеа, но најсе …

-Воедно, очекувам до 27 април Заев да ни открие: како умре Мерлин Монро; кој го уби Кенеди; каде се крие Елвис Присли; која е улогата на Ѓорге Иванов во сокривањето на информациите за контактите помеѓу вонземјаните и луѓето во Area 51 во Невада; каде и кој го крие малезискиот авион и неговите патници; која беше улогата на Ватикан, ЦИА и масоните во распадот на Југославија; списокот со членовите на Билдерберг групата; вистинското име на Адолф Хитлер по неговото бегство во Јужна Америка; идентитетот на Јосип Броз Тито; Новиот светски поредок и осумте години на ВМРО-ДПМНЕ и така натаму, пишува Боцевски и повторува дека политиката не е место за кловнови и палјачовци.