Македонија

„Боемска“ од пешачка зона до приватно паркиралиште

„Боемска“ од пешачка зона до приватно паркиралиште

Пред две недели беше свечено отворена “Боемска улица” во Дебар Маало, која беше најавена како пешачка зона, каде што боемџиите ќе можат да уживаат во боемската атмосфера, пишува порталот Курир.

Како што може да се забележи на сликата, автомобили се паркираат на пешачката зона на “Боемска улица”. Случајните минувачи можат да забележат дека на влезот од улицата кој е затворен со ланец, стои човек кој регулира кој смее да влезе со автомобил на “Боемска улица”.

Граѓаните се прашуваат дали улица за која се потрошени близу половина милион евра е во ред да се користи како паркиралиште, која што и самиот Жерновски неколку пати посочи дека ќе биде затворена за автомобили и ќе биде пешачка зона. Граѓаните се свесни доколку улицата продолжи и понатаму да служи како паркиралиште за автомобили, општината ќе биде принудена да ја реконструира и додатно да потроши одредена сума на пари.

Улицата сама по себе крена голема врева кај граѓаните на Општина Центар, бидејќи општината ја чинеше близу половина милион евра, ако се земе во предвид малата квадратура на улицата и поплочувањето со старите плочи, а притоа општината не може да овозможи средства за изградба на ветената градинка во Капиштец од страна на градоначалникот Жерновски.