Богата заплена на царината

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење и две царински измами, при што привремено се задржани девизи, свежо овошје и зеленчук, техничка стока, разни зачини и додатоци во исхраната, играчки, бижутерија, козметика и парфеми. Задржана е следната стока:

Девизи

– 43.500 швајцарски франци, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, од страна на мобилните царински тимови, при личен претрес на македонски државјанин, кој слетал со лет од Цирих,
– 22.000 евра, откриени на излез од државата, на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на товарно моторно возило со грчки регистарски таблички, како и личен претрес на грчки државјанин кој го управувал возилото.
– 11.000 евра, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, а пријавено за излез од државата. Непријавените девизи се пронајдени во надворешниот џеб од јакната на возачот.
– 2.300 евра, откриени на граничниот премин Деве Баир, при личен претрес на македонски државјанин, патник во патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за излез од државата.

Свеж зеленчук и овошје

Царинските службеници при царинската испостава Гевгелија открија два случаи за шверц на свеж зеленчук и овошје:
– 675 кг домати и 175 кг пиперки со потекло од Турција, пронајдени при контрола на камион со турски регистарски таблички, кое пренесувало стока наменета за македонска фирма увозник,
– 1.138 кг грејпфрут, 400 кг домати и 126 кг краставици со потекло од Грција, пронајдени при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, кое пренесувало стока наменета за македонска фирма увозник.

Техничка стока

– При влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, во два одвоени случаи се запленети по 1 непријавен телевизор. Во првиот случај телевизорот е пронајден во багажникот на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, додека во вториот случај телевизорот бил покриен со ќебе и сместен на задните седишта од патничко моторно возило со германски регистарски таблички, исто така управувано од македонски државјанин.
– 51 парчиња алат (брусилки, бормашини и циркуларни пили), откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со германски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, а пријавено за влез во државата. Непријавените производи се пронајдени во багажниот простор и во просторот зад возачкото седиште.
– 6 мобилни телефони, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при преглед на личниот багаж на српски државјанин, кој слетал со лет од Цирих.
– 1 мобилен телефон, откриен на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата.

Останато

– 2800 кг делови за метална конструкција, откриени на царинската испостава Струмица, при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, кое пренесувало стока наменета за македонска фирма увозник,

– 200 кг хартија за копирање, 126 кг конец, 76 кг ткаенина во ролни и 330 блузи, откриени на царинската испостава Скопје 1, од страна на мобилните царински тимови, при контрола на товарно моторно возило со македонски регистарски таблички, натоварено со разна стока од Турција, наменета за македонска фирма увозник.
– 197 парчиња нови и употребувани хирушки инструменти, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, пријавено за влез во државата. Непријавените производи се пронајдени во патна торба, сопственост на македонски државјанин кој бил сопатник во возилото.
– 96 шишиња (125 мл) со сируп од црно семе, откриени на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со германски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, а пријавено за влез во државата. Непријавените производи се пронајдени во багажниот простор и во просторот зад возачкото и совозачкото седиште.
– 92 парчиња бижутерија и 36 парчиња козметика и парфеми, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при преглед на багажот на македонски државјанин, кој слетал со лет од Истанбул.
– 219 парчиња долна облека и маици, откриени на граничниот премин Табановце автопат од страна на мобилните царински тимови при контрола на автобус со српски регистарски таблички, кој сообраќал на редовната линија Белград-Скопје, пријавен за влез во државата. Непријавените производи се пронајдени во три патни торби, сопственост на македонска државјанка која била патник во автобусот.
– 425 играчки, откриени на патниот правец Охрид-Скопје кај селото Мислешево од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин. Играчките се пронајдени во багажниот простор и на задните седишта од возилото.
– 70 кг темјан, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со романски регистарски таблички, управувано од романски државјанин, а пријавено за влез во државата. Стоката е пронајдена во картонски кутии, сместени во багажниот простор, под патните торби.

Царинска измама

Царинските службеници од Службата за надзор на иматели на одобренија при Царинарница Штип открија повеќе неправилности при контрола на две трговски друштва од Штип, иматели на одобренија за увоз за облагородување:
Во првиот случај запленети се 891 м2 памучна ткаенина и 2.617 парчиња готови текстилни производи (панталони, кошули, блузи, мантили, сакоа, фустани, здолништа и бебешки алижта), пронајдени во просториите на имателот на одобрение, кои не биле евидентирани во книговодствената евиденција и за кои немало доказ дека се платени царинските давачки, при што износот на избегнатите царински давачки е 352.065 денари. Исто така се констатирани и повеке неправилности во евиденцијата на стоките во постапка на увоз за облагородување, кои што ке бидат санкционирани со мандатни казни.
Во вториот случај, при контрола на друго трговско друштво, констатирани се повеќе неправилности во евиденцијата и идентификацијата на стоките. Трговското друштво исто така ќе биде санкционирано со мандатни казни.