Богоев: Јакимовски ненаменски трошел пари

Ненаменско трошење на пари од кредит во висина од 2,6 милиони евра и трансфери на средства до спортски клубови, здруженија на граѓани, поединци или правни лица за кои нема финансиски извештаи како биле трошени во времето на времето на владеењето на Стевче Јакимовски со Општина Карпош – утврдил Државниот ревизор при контрола на финансиското работење на  Општина Карпош.

Дел од Извештајот, кој се уште не е објавен на интернет страницата на Државниот завод за ревизија, го претстави градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев. Извештајот се однесува за 2016 година, кога со општината раководел поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски.

– Државниот завод за ревизија, утврдил дека во 2016 година, биле исплатени средства во износ од 38 милиони денари или околу 618 илјади евра на сметката на кошаркарскиот клуб „Карпош Соколи“. За доделените средства, клубот нема дадено детални податоци за начинот на кој се потрошени. Општина Карпош при исплата на средства до спортски клубови, не склучувала договори во писмена форма со примателот на донацијата и не се изготвувани извештаи за начинот на кој е трошена дадената донација/спонзорство, со што се повредени Законот за облигациони односи и Законот за донации и спонзорства во јавните дејности – пишува во Извештајот на Државниот завод за ревизија.

Според Богоев, долгот на Општина Карпош е 18 милиони евра, кој почнал да се наплатува од 2012 година, а Општината должи високи суми и за адвокатски и за нотарски трошоци за извршители.  Во 2014 година, се подигнал и кредит од 2,6 милиони евра , но ревизорскиот тим утврдил дека се потрошил ненаменски. Наместо за тековни инфраструктурни проекти, парите биле искористени за плаќање на заостанатите обврски, со што е прекршен членот 20 став 6 и 26 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа.

Богоев, исто така рече дека проектот за изградба на административниот објект не бил одобрен од страна на Советот на Општина Карпош, а земјиштето и идната градба биле ставени под хипотека, без да се добие согласност од Министерството за транспорт и од Државното правобранителство, како надлежни органи за заштита на имотните права.

Ревизорот утврдил и дека посточеките простории во кои е сместена Општината се дивоградби, бидејќи нема одобрение за градба и одлука на Советот на Општината.

Извештајот завршува со тоа што ревизорскиот тим не изразува мислење, што значи дека финансиското работење на Општината е на најниско можно ниво, кажа Богоев.

Јакимовски беше три пати избран за градоначалник на општината. Прв пат во 2000 година како кандидат на ЛДП, потоа во 2009 како кандидат на СДСМ и во 2013 година победи како независен кандидат.

Богоев го достави конечниот извештај на ревизорите до  финансиската полиција и до Основното јавно обвинителство.