„Богородица“ станува балкански Лас Вегас – никнува ново грандиозно казино

Во близина на граничниот премин „Богородица“ ќе никне уште едно ново луксузно казино. Од општината информираат дека градежната парцела е веќе продадена и дека наскоро ќе започнат градежните активности. Со отворањето на овој нов објект се очекува градот со најниска стапка на невработеност во Република Македонија, Гевгелија, да обезбеди голем број на нови работни места и со тоа уште повеќе да ја намали невработеноста.

Овој податок за најнова инвестиција уште повеќе оди во прилог на тоа дека „Богородица“ ќе стане балкански Лас Вегас, кој на овој регион познат по земјоделската дејност ќе му даде сосема ново и поинакво обележје.

Во близина на граничниот премин „Богородица“, веќе работат три големи казина: „Аполониа“, „Фламинго“, и „Принцес“, а во општината има и повеќе помали казина, кои обезбедуваат вработувања како за жителите на општината, така и за жителите на околните општини во југоисточниот дел од земјава.

Flamingo-Gevgelija

Казино „Фламинго“, кое работи долги години, важи за едно од најлуксузните казина на Балканот и едно од најубавите во Македонија. Повеќе од 90 отсто од гостите доаѓаат од соседна Грција. Во казиното се вработени повеќе од 400 лица.

Казино – хотел „Принцес“ се наоѓа наспроти „Фламинго“ и е инвестиција од 86 милиони евра на познатиот светски бренд од ланецот „Шератон“. Тоа е најголемиот објект за игри на среќа во Македонија со огромна сала од околу 4.000 метри квадратни, во која се сместени над 630 апарати за игри на среќа и над 40 рулет маси. Во казиното има 190 вработени, додека 280 лица се ангажирани во хотелските дејности.

ramada_plaza

Гевгелија се наоѓа на само 3 километри од македонско-грчката граница и бори 16.000 жители. Од општината информираат дека стапката на невработеност изнесува околу 19 отсто, или вкупно се невработени 1.900 лица од кои 1.300 се од градот, а 600 од околните населени места.

Според нив, оваа ниска стапка на невработеност се должи и на фирмите кои се отворени од страна на домашните инвеститори, но додаваат дека најголем придонес сепак даваат токму казината. Од општината очекуваат дека со изградбата на новото казино во близина на граничниот премин „Богородица“ во голема мера ќе се намали бројот на невработени лица.

Казината, кои со се’ поголем замав никнуваат покрај границата со нашиот јужен сосед, обезбедуваат работни места и за другите општини од тој регион на Македонија. Така, во овие објекти работа наоѓаат голем број жители на општините: Валандово, Богданци и Дојран, но не изостануваат и Прилеп, Демир Капија и Неготино.

Во овој регион има уште две казина, на влезот и излезот од Дојран. Првото е „Атлантик“, а второто „ХИТ“.

Неофицијално, платите во овие објекти се солидни, а освен сопствениците и вработените, корист од казината има и државата. Казината плаќаат фиксен надомест за секој апарат за коцкање. Колку повеќе маси и автомати има во едно казино, давачките кон државата се повисоки.