Богов: Актуелните случувања на подолг рок се ризик фактор

Во првата недела од мај ќе ги објавиме проекциите за економскиот раст за 2015 година, изјави гувернерот на  Народната банка, Димитар Богов при тоа посочувајќи дека се уште е неизвесно дали ќе останат на исто ниво или ќе има нагорна или надолна линија

– Условите кои досега ги разгледавме и кои се како импути во нашите проекции не се многу променети  од октомвриската проекција кога предвидовме раст на економијата од 4,1 отсто во 2015 година. Кај екстерните импути дури има и некакво подобрување, бидејќи сега има подобри очекувања за растот на европската економија, а тоа е многу значаен импут за нашите производи и извоз, рече Богов во одговор на новинарско прашање на паузата на Четвртата меѓународна истражувачка конференција на НБРМ на тема „Справување со структурните ригидности во контекст на ефективноста на трансмисијата на монетарната политика“.

Прашан дали актуелната политичка состојба може да влије на растот на економијата, гувернерот на НБРМ посочи дека во проекциите покрај надворешниот се зема предвид и внатрешниот амбиент, односно надворешните и внатрешните ризици.

– Секако дека ги земаме предвид и најновите случувања во политиката на домашен терен кои се фактор на ризик кој би имал негативни ефекти доколку целата ситуација продолжи подолг период, појасни Богов.

За зголемувањето на внатрешното задолжување за финасирање на фискалната политика рече дека не очекува да предизвика позначителни ефекти врз растот на економијата.

– Како импут во нашите проекции го земаме задолжувањето на државата кое е планирано во Буџетот од кое дел е планирано како надворешно, а дел како внатрешно. Може да има некои поместувања меѓу внатрешното и надворешното задолжување, но во секој случај тоа е нешто што го координираме со монетарната политика. Монетарната политика постојано се прилагодува на тие движења и не очекувам некои позначителни ефекти од таквите евентуални промени во финансирањето на фискалната политика, рече Богов.

Потенцира дека монетарната политика како импут ги зема проекциите на фискалната политика кои се дадени во фискалната стратегија за наредните три години каде е предвидена одредена консолидација.

– Монетарната политика е поставена според тоа, но е и флексибилна и во секој момент може соодветно да се прилагодува на фискалната политика. Тоа сме го правеле во минатото, ќе го правиме и во наредниот период и секогаш ќе имаме координирана монетарна и фискална политика, рече Богов.

Тој посочи дека монетарната политика во последните три години е доста релаксирана.- Имаме исклучително стабилен девизен пазар, исклучително низок дефицит во платниот биланс и ниска инфлација. Тоа се услови кои овозможија доста релаксирана монетарна политика и во моментов имаме историски најниска наша референтна каматна стапка и најниски каматни стапки на банките. Тоа е овозможено без да се загрози макроекономската стабилност, нагласи Богов.

Во врска со актуелната дефлација во Македонија, гувернерот на НБРМ рече дека е привремен феномен кој се должи на намалувањето на цените на светскиот пазар на суровата нафта и храната и додаде дека без позначителна интервенција  од НБРМ ќе се доведе во нормални рамки.

Фотографија: МИА