Македонските банки немаат потреба од надворешна помош

Гувернерот на Народната банка на Македонија Димитар Богов смета дека Македонските банки немаат потреба од надворешна помош за да го превенираат евентуалното влијание од кризата во Грција, но дека пристапот до инструментите за рефинансирање на Европската централна банка можат да послужат како добра поддршка ако е потребно.

– Не очекуваме на Македонија да и биде потребна каква било надворешна помош. Веруваме дека домашниот банкарски сектор е отпорен, но секогаш е добро да има отворени опции, наведува Богов во изјава за Ројтерс.

Но, вели гувернерот на НБРМ, не е јасно дали инструментите на Европската централна банка ќе се применуваат и на земјите надвор од ЕУ.

– Ако се применуваат, тоа би била совршена поддршка, смета Богов.

Европската централна банка најави дека ќе ги ги засили капацитетите и можностите за финансиска поддршка во Бугарија, со што би можело да им се помогне и на другите земји во регионот да се спречи прелевањето на кризата од Грција.