Богов: Инфлацијата ќе биде пониска од очекуваното

Мирен амбиент по изборите е најдобар за спроведување на економските политики и раст, смета гувернерот на Народната банка на Република Македонија Димитар Богов, кој уверува дека Народната банка ќе ја задржи ценовната стабилност.

„Не би ги коментирал политичките случувања по изворите, сепак, НБРМ е тука да си ја изврши својата цел, а тоа е ценовната стабилност да биде задржана како и стабилноста на банкарскиот систем. Во секој случај мирен амбиент би бил најдобар за спроведување на економските политики. НБРМ е тука во секакви услови да ја одржи стабилноста на нашата економија. И тоа ќе го правиме, изјави Богов, одговарајќи на новинарски прашања на Третата меѓународна истражувачка конференција на тема „на патот кон заздравување и одржлив раст во променето глобално окружување“.

Посочи дека за две недели Централната банка ќе излезе со најнови проекции за економскиот раст и инфлацијата, но додаде дека првичните сигнали се дека растот на БДП ќе биде некаде околу претходната проекција која беше 3,7 проценти.

„Секако во новата проекција земаме предвид некои ризици околу кризата поврзана со Украина и можните меѓународни санкции, но не можеме целосниот ефект да го предвидиме во овој момент“, рече Богов и додаде дека инфлацијата ќе биде пониска од очекуваното околу 1 отсто.

Во однос на конференцијата посочи дека од презентациите изнесени од учесниците укажуваат на подобрување на глобалниот амбиент, но оти останува уште време да помине додека светската економија целосно да се нормализира, а тоа би значело растот да биде присутен и кај развиените и кај земјите што се во подем на ниво на потенцијалниот раст.

Учесниците потенцираа дека структурните реформи се клучни фактори и добрата координација меѓу монетарната и фискалната политика заради одржување на стабилноста во економиите при што нема да има тензии од страна на нарушување на ценовната стабилност.

 

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.