Богов ја предложи Ангеловска Бежоска за вицегувернер на НБМ

Согласно со член 49 став 3 од Законот за Народната банка на Република Македонија, вицегувернерите ги именува Собранието на Република Македонија на предлог на гувернерот, а во понеделникот гувернерот Димитар Богово достави предлог до Собранието за именување на Анита Ангеловска-Бежоска на местото вицегувернер на Народната банка на Република Македонија.

Д-р Анита Ангеловска-Бежоска дипломирала на Економскиот факултет во Скопје во 1994 година, со добиено признание како еден од тројцата најдобри студенти во генерацијата. Магистрирала на истиот факултет во 1997 година, а докторирала на Економскиот факултет во Љубљана во 2015 година.

Работната кариера ја започнала во Министерството за финансии во 1996 година, кога министер за финансии бил д-р Таки Фити. Унапредена е во раководител на секторот Трезор во 2000 година, кога министер бил м-р Никола Груевски, по успешното имплементирање на проектот за воведување трезорско работење во Министерството, за што има добиено и меѓународно признание.

Во 2003 година била унапредена во државен секретар, кога министер бил м-р Петар Гошев. Од 2004 до 2006 година, работела во ММФ во Вашингтон, во одделите за Европа и за фискални политики, каде што учествувала во поголем број мисии на ММФ во земјите-членки.

До 2010 година работела на местото главен економист во Народната банка на Република Македонија, кога на предлог на тогашниот гувернер била именувана од Собранието на Република Македонија на местото вицегувернер. Од 2006 година наваму обезбедува техничка помош како експерт во тимови на Меѓународниот монетарен фонд во повеќе земји во Европа (Летонија, Белорусија, Молдавија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија).