Богов се повлече, Анита Бежоска, нов предлог за гувернер

Богов: Банкарскиот систем стабилен, банките работат нормално, фото: МИА

Претседателот Ѓорге Иванов ја предложи актуелната вицегувернерка Анита Ангеловска-Бежоска за нов кандидат за гувернер на Народната банка. Овој предлог доаѓа откака Димитар Богов, кој беше првиот избор на Иванов повторно да биде избран за прв човек на Народната банка, денеска се повлече од кандидатурата. Богов ваквата одлука ја донел по реакциите од власта дека е потребен консензуален кандидат. Мандатот на Богов му истекува за пет дена.

Претседателот Иванов смета дека Анита Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на Народната банка е решение за гувернерската позиција со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија, велат од Кабинет на претседателот Ѓорге Иванов.

Тие објаснуваат дека Бежоска во септември минатата година со поддршка и на власта и на опозицијата е избрана за вицегувернер по предлог на Богов.

Имајќи ги предвид реакциите на дел од чинителите на политичкиот живот во Република Македонија, моменталната политичка констелација и роковите за избор на гувернер, во интерес на државата се повлекувам од кандидатурата за гувернер на Народната банка,  рече Богов во дописот до медиумите наведувајќи кои биле причините поради кои се повлекува:

Од СДСМ, ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ најавија дека следните денови ќе имаат внатрепартиски координации, по што ќе излазат со свој став во јавноста. Но, во ДУИ кои го фаворизираат Фатмир Бесими, остануваат на ставот да се најде прифатливо решение за сите страни. Сепак, од оваа партија немаат став за Анита Бежоска. Мандатот на Богов завршува в недела. Според најавите во понеделник во Собранието ќе биде ставена точка на дневен ред за избор на нов гувернер. За негов избор е потребно просто мнозинство, односно најмалку 61 глас.