Богов: Странските инвеститори се несигурни кога има политички битки

НБРМ: Продолжувањето на кризата ќе го намали растот на економија
НБРМ: Продолжувањето на кризата ќе го намали растот на економија

Економијата бара мирен амбиент, бара стабилни и предвидливи услови за работа и стабилни институции коишто функционираат, така што најдобро е сите политички битки да се водат во рамките на институциите, бидејќи кога не е така странските инвеститори не се чувствуваат толку сигурни, вели гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

На прашањето дали сè уште постои опасност за македонската економија, ако ескалира кризата во Украина, Богов тврди дека директните ефекти од кризата во Украина не се толку големи, зошто нашата економија не е многу поврзана со украинската.

 „Но секако внимателни сме на индиректните ефекти коишто може да дојдат врз економскиот раст, доколку кризата во Украина ескалира, доведе до позначајни економски нарушувања и се одрази на стапката на економски раст во Европската унија. Таа е наш најголем трговски партнер, побарувачката за нашите производи би се намалила, а исто така би имала ефект и врз нашиот економски раст. Исто така украинската криза може да има влијание врз основните производи како што се пченицата, пченката, нафтата, гасот што секако би можело да влијае врз нашата домашна инфлација. Но, сето тоа го имаме земено предвид и е вклучено во нашите проекции“ – вели гувернерот на НРБМ.
 Поради тоа што од февруари до април имаше намалување на девизните резерви за 88 милиони евра, Богов вели дека НРБМ вели дека тој важен индикатор за економската стабилност внимателно се следи.
„Тој е еден од најзначајните индикатори бидејќи ние водиме политика на стабилен курс на денарот и преку тоа одржуваме макроекономска стабилност во македонската економија. Девизните резерви имаат во текот на годината некој сезонски тренд. Првиот квартал обично имаме нето интервенции на девизниот пазар, затоа што понудата на девизи е помала од побарувачката. Но веќе тој тренд се менува и од април имаме обратен тренд и Народната банка се појави и како купувач на вишокот девизи на девизниот пазар. Последните неколку години, Народната банка нето купува девизи на девизниот пазар, значи немаме нерамнотежа на девизниот пазар, освен во одредени периоди. Некогаш има поголема побарувачка, другпат има поголема понуда. Очекуваме девизните резерви да се стабилизираат на ова ниво, дури и малку да пораснат до крајот на годината, а во 2015 позначајно да се зголемат, односно акумулираат“ најавува гувернерот Богов во интервјуто за РСЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.