Богов за „Република“: Во 2016 година очекуваме умерено засилување на економскиот пораст

Гувернерот на Република Македонија, Димитар Богов, во интервју за „Република“ најавува позитивни раздвижувања на вкупната економија во 2016 година, се разбира, доколку нема некои позначајни политички или економски потреси од локални или од глобални рамки.

Банките го зголемуваат својот потенцијал за поддршка на македонската економија, а банкарските камати се на историски најниско ниво. Се очекува благ пораст и на дознаките.

На прашањето каква е состојбата во македонската економија во моментов, дали се исполнуваат прогнозите за пораст и какви се очекувањата за оваа година, Богов одговара:

По две години умерен пораст, во годината што измина очекувавме македонската економија да направи исчекор надминувајќи ја границата од четири отсто. За жал, бевме погодени од два силни шока – домашната политичка неизвесност и сериозната должничка криза кај нашиот јужен сосед – кои го зедоа својот данок. И во толку неповолни услови ќе биде остварен економски пораст на ниво од 2014 година. Очигледно, структурните реформи во изминатите години, особено подобрувањето на деловниот амбиент и привлекувањето извозно ориентирани странски инвестиции ги подобрија основите на македонската економија и ја зголемија нејзината отпорност на шокови. Во 2016 година очекуваме умерено засилување на економскиот пораст на 3,5 отсто.

Богов вели дека банкарскиот сектор останува стабилен и ликвиден. Во 2015 година значително се зголеми и добивката што би требало да се употреби за дополнително засилување на капиталот на банките за да се пресретнат повисоките барања што ги наметнуваат новите стандарди „Базел 3“.

Ова упатува на засилување на нивните биланси во 2016 година, со што банките ќе го зголемат својот потенцијал за поддршка на македонската економија. Секако, останува предизвикот за консолидација во банкарскиот сектор и за засилување на акционерската база во одделни банки, вели Богов.

Тој вели дека според сите показатели, јавниот долг е сѐ уште на умерено ниво. Споредбата со земјите од ЕУ и од соседството покажува дека нашиот јавен долг е двапати понизок од просекот во ЕУ и значително понизок од повеќето земји во југоисточна Европа.

Но, токму затоа треба да извлечеме поука од грешките на другите земји и да преземеме мерки што ќе спречат да дојдеме во нивната ситуација. Предложениот уставен амандман за поставување горна граница за јавниот долг е потег во вистинска насока, исто како и предвиденото намалување на буџетскиот дефицит во фискалната стратегија, вели тој.