Бојаџиев и Филхармонија ќе настапат во „Карнеги хол“ во Њујорк

Композиторот и пијанист со меѓународна кариера Дуке Бојаџиев денеска беше примен од министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која на прес-конференција соопшти дека во втората половина на годинава Бојаџиев и Камерниот оркестар на Македонската филхармонија ќе настапат во престижниот „Карнеги хол“ во Њујорк, во рамки на Денови на  македонската култура во центарот на светот.

kanceska-milevska500

Тој истакна дека е задоволен од одѕивот за неговите четири концерти кои ги изведе изминатиот викенд во Скопје, како и од концертот кој во неделата го одржа во Битола.

Поради голем интерес од публиката, Бојаџиев деновиве ќе одржи концерт и за велешани во новиот театар, пред неговото заминување во сабота во Њујорк каде што живее и работи, а во мај годинава, како што нагласи министерката Канческа-Милевска, Бојаџиев ќе биде вклучен и во програмата за одбележување на Св. Кирил во Рим.

Преку годишните програми Министерството, како што нагласи таа, се грижи за македонските музичари кои се гордост на Македонија и успешно ја презентираат нејзината култура.

– Тоа е пример и со Дуке Бојаџиев, кој во изминатиот период успешно ја промовира македонската култура и уметност во Њујорк, заедно со неговите соработници. Македонската публика тоа и го потврди со огромното присуство… Концертот во „Карнеги“ во втората половина на оваа година ќе биде исклучителен значаен концерт за Македонија, посочи Канческа-Милевска.

1kanceska-duke

Бојаџиев се заблагодари на поддршката која Министерството за култура им ја дава на македонските уметници истакнувајќи колку е таа важна за отворање на погледот на музичката сцена и кон музиката како професија.

– Не можам ни да замислам што ќе ми значеше некој да ме поддржи кога јас се развивав како музичар. Пресреќен сум од се што овие години се случува во музиката и филмот, како и од професионалниот однос во уметноста, што фалеше долго во Македонија. Тоа сега се повеќе го чувствувам кога доаѓам… Имавме прекрасен викенд, со голем одѕив и распродадени концерти. Се потрудивме да дададеме се од себе, имаше убав фидбек од публиката и е убаво  чувството дека тоа што си сакал да го пренесеш, си го пренел, и повеќе од што си очекувал, рече Бојаџиев.

duke-bojadziev

Тој најави дека програмата во „Карнеги“ ќе биде слична со концертот од петокот во Скопје, но дека на неа ќе настапат  музичари од Њујорк кои немал можност да ги донесе во Македонија.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.