„Бојкотирам“ бара пари од Владата за кампања за референдумот

Здруженијата кои се противат на референдумот денеска побараа пари од државата за кампањата „Македонија бојкотира“. Но, и доколку Владата не обезбеди средства за овие 28 здруженија, тие ќе одвојат свои пари за пропаганда против референдумот.

– Решени сме да бојкотираме, ако Владата не даде средства ние ќе се снајдеме, но, секако очекуваме да се следи примерот на развиените демократии каде секој има еднакво право да ги промовира своите идеи, изјави Солза Грчева од Глас за Македонија.

Ние сме подготвени, доколку владата земе едно евро и нас да ни даде едно евро. Подготвени сме на секоја сума, колку ќе земе владата за кампања, толку да даде и на кризниот штаб, бидејќи кажав, јавен интерес на оваа држава е секој граѓанин да го слушне мислењето на двете страни, и пораката на владата и пораката на кризниот штаб па народот нека се одлуч, изјави Јанко Бачев, претседател на партијата Единствена Македонија.

Доколку владата не им одобри средства, организациите кои се дел од кампањата за бојкот се договориле заеднички да учествуваат во финансирањето. Во меѓувреме отвориле и сметка за донации од дијаспората и досега собрале околу 4 илјади долари, Филип Петровски пак вели дека референдумското прашање е нелогично и од него може да произлезат повеќе одговори.

– Прво треба да се праша народот дали е за промена на уставното име. А понатака може во други референдуми кои што може да бидат и во ист ден, да се прашуваат и други прашања. Прашањето е нелогично и етикета е од страна на владата и од страна на новинарите блиски до владата, дека некој е против НАТО и ЕУ ако е против овој референдум. Овој референдум е нелогичен, незаконски и е донесен набрзина, вели Филип Петровски од Демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.