Бојку бил застрелан во слепоочница, две лица го бркале убиецот

СВР Охрид и полициската станица во Струга преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на сторителот на казненото дело „убиство“ извршено вчера во 16 часот и 30 минути во ресторантот „Аква блу“ во Струга.

-Притоа, од здобиени повреди од огнострелно оружје, во општата болница во Струга починал Дилавер Б. (55) од струшкото село Велешта. Тој, на хируршкото одделение бил донесен во бесвесна состојба каде од страна на медицинска екипа укажана е лекарска помош и по неуспешна реанимација, констатирана е смрт настаната од огнострелно оружјe, соопштуваат од СВР Охрид.

На местото на настанот извршен е криминалистичко-технички увид предводен од Јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Струга во содејство со полициски екипи.

-Констатирано е дека казненото дело е сторено на терасата од ресторантот „Аква блу“ каде седел сега починатиот Дилавер Б. Во негова непосредна близина се приближило засега непознато машко лице кое, во правец на главата му вперил пиштол и испукал еден проектил нанесувајќи му огнострелни повреди во пределот на темпоралната регија од левата и десната страна, се наведува во соопштението.

Од СВР Охрид додаваат дека засега непознатиот сторител потоа со трчање го напуштил ресторантот бегајќи кон улица „Партизанска“.  Со цел да го фатат и задржат сторителот, по него се упатиле две лица, но истите се откажале од намерата откако засега непознатиот сторител и кон нив испукал два проектили.

По наредба на Јавен обвинител, врз телото на сега починатиот ќе биде извршена обдукција.