Боки 13 се пофали со шверцуваните чевли

Додека јавноста чека одговор дали и кој ургирал да му биде скината казната на Бојан Јовановски за шверц на луксузна гардероба,  ексцентричниот „хуманитарец“  Боки 13 вчера ги прошета луксузните чевли „Гучи“, кои цариниците му ги запленија минатата недела.

Познатиот ЛГБТ активист и силен поддржувач на владејачката СДСМ вчера ја отвори „Еден“ телевизија, чиј сопственик е, а на својот Фејсбук профил постираше фотографии од подготовките за свечениот настан. На една од нив е токму еден од 15 чифта чевли кои царината ги заплени од Боки 13. Сепак, не е исклучено и дека тој и претходно имал такви чевли, бидејќи „Нетпрес“ се уште не доби одговор од Царинската управа, ниту од Владат,а дали е вистина дека некој ургирал и на Јовановски му биле вратени кондурите без да ја плати казната.

Како што „Нетпрес“ ексклузивно објави минатата недела, Боки 13 бил фатен на скопскиот аеродром во шверц на 19 парчиња луксузна гардероба. Тој долетал со авион од Виена, но не пријавил ништо за царинење.

Сепак, цариниците во багажот на Боки 13 се наѓале 10 пара машки чевли од марките „Givenchy“, „Gucci“, „Giuseppe Zanotti“, „Tom Ford“, „Christian Louboutin“, „Laurent“ и „Louis Vuitton“, потоа четири пара луксузни папучи од марките „Gucci“, „Fendi“ и „Giuseppe Zanotti“, и еден пар очила за сонце „Gucci“, како и два пара ремени од марките „Louis Vuitton“ и „Gucci“. Согласно чл. 263  ст.3 од Царинскиот закон, Боки 13  избегнал царинска контрола и треба да плати глоба во висина од 15.000 евра, а кондурите биле привремено задржани додека да ја плати глобата.

„Нетпрес“ екслузивно ја објави прекршочната пријава против Боки 13, а целиот случај, но без идентитетот на осомничениот, бил објавен  и од Царинската управа во редовниот билтен. Сепак, цариниците добиле налог „од горе“ да ја скинат пријавата и да му ги вратат обувките на Боки 13, кој куртулил од казната. Тоа предизвикало револт кај цариниците бидејќи тие казнувале обични граѓани кои шверцувале од зорт, а не од луксузирање.

„Нетпрес“ чисто информативно провери колку чинат чевлите кои царината ги запленила минатата недела, а со кои Боки 13 вчера се подготвуваше за отворањето на телевизијата. Чевлите ги најдовме на интернет страницата на „Гучи“ – Австрија, претпоставувајчи дека Боки 13 таму ги набавил, оти допатувал со авион од Виена. Чевлите се најнов модел од сезоната 2018 година и чинат 790 евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.