Боко Харам бара грабнатите девојчиња да ги размени за свои соборци

Лидерот на нигериската исламистичка екстремистичка организација „Боко Харам“, Абубакар Шекав бара ослободување на приведените бунтовници во замена за над 200 ученички, кои се грабнати пред три месеци.

Борците, за кои се претпоставува дека се исламисти, кренале во воздух голем мост на североисточиот нигериски автопат. Со тоа уште повеќе беше ограничен пристапот до шумата Самбиса, каде се смета дека се наоѓаат грабнатите девојчиња. Тоа е четвртиот голем мост што е уништен во реонот во последните месеци.

Во исто време веќе светски познатата пакистанска активистка Малала Јусуфзај за време на својата посета на Нигерија ветила дека ќе помогне во ослободувањето на ученичките. Малала стана позната откако беше застрелана во главата од талибанци заради својата кампања за образование на девојчињата.

Вчера таа се сретнала со родителите на девојчињата, кои беа грабнати од училиштето во североисточното село Чибок во април. Некои од нив се расплакале, а 17-годишната Малала изјавила дека „ове девојчиња може да си ги замисли како свои сестри“.

–       Активно ќе учествувам во кампањата ’Вратете ни ги нашите девојчиња’, за да може тие да се вратат живи и здрави и да продолжат со своето образование, изјавила таа.