Боко Харам ослободил 82 девојчиња од Чибок

Припадниците на нигериската исламистичка терористичка група Боко Харам ослободиле 82 ученички од групата од повеќе од 200 девојчиња кои ги грабнаа во април 2014 година во североисточниот град Чибок, објавија нигериските власти.

Девојките се ослободени по пат на преговори меѓу исламистите и владата, изјавил за Reuters функционер кој барал да остане неименуван. Воен извор, пак, потврдил дека девојките се наоѓаат во местото Банки, крај границата со Камерун, каде што ќе се извршат лекарски прегледи пред да бидат со авион пренесени во Мајдагури, главниот град на нигериската сојузна држава Борно.

Џихадистичката група Боко Харам чијшто бунт започна пред осум години и нема знаци дека ќе запре и покрај последните успеси на нигериската армија која во декември 2016 година го уништи нејзиниот клучен логор во североиточната шума Симиса, пред три години грабна околу 220 девојчиња од женско училиште во напад изведен преку ноќ.

Повеќе од 20 девојки беа ослободени ланскиот октомври благодарејќи на договорот во кој посредуваше Меѓународниот Црвен крст. Некои успеаја и самите да побегнат или беа спасени, но за 195 се сметаше дека уште се заточени пред ослободувањето на некои од нив во саботата. Нигерискиот претседател Мухамед Бухари, поранешен воен командант, во април потврди дека владата преговара за ослободување на другите девојчиња.

Иако грабнувањето од Чибок е најпознато, групата Боко Храм се проценува дека грабнала повеќе од илјада возрасни лица и деца, а многу од тие случаи минале медиумски незабележано и се забошотени. За грабнатите лица често се бара откуп, а децата се исламистички се индоктринираат и подоцна се користат за изведување самоубиствени бомбашки напади особено на јавни места кои се многу посетувани од цивили, како пазари, цркви и џамии, кои последните години се сé почести.

Иако армијата тврди дека го задушила бунтот, големи делови од североистокот, особено сојузната држава Борно уште се изложени на заканите на милитантите, а самоубиствените напади зачестија по завршувањето на сезоната на дождови кон крајот на 2016 година.

Џихадистичката група Боко Харам, која ѝ изрази лојалност на ултрарадикалната сунитска групација Исламска држава, на почетокот од 2015 година контролираше област на североистокот од Нигерија со големина на Белгија, но во текот на ланската и оваа година нигериската војска и силите на соседните држави во кои исто така дејствуваше ова движење го потиснаа од поголемиот дел од тие територии до неговата база во шумата Самбиса.

Во Нигерија, особено изразено последните осум години, дејствува радикалната исламистичка група која некои ја сметаат и за секта – Боко Харам која е основана во 2002 година. Таа настојува во северна Нигерија да формира исламска држава во којашто ќе владее најстрогото толкување на шеријатското право и се противи на западниот модел на образование што всушност и значи нејзиното име „Западното учење е забрането“ на локалниот хауса јазик.

Групата стои зад повеќето терористички напади во градовите и масакри во руралните области на земјата и се смета за одговорна за повеќе од дваесет илјади жртви и 2,6 милиони раселени лица од 2009 година.

Боко Харам се смета за најголемата безбедносна закана не само за Нигерија, којашто е најбројната африканска нација чии околу 180 милиони жители се поделени речиси половично на христијани и муслимани, најголемата африканска економија и производител на нафта, туку и за соседните држави.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.