Боко Харам збриша неколку нигериски градови

Исламистичката група Боко Харам извршила најжестоки акции досега, во кои уништила илјадници домови во два нигериски града – Бага и Дорон Бага, објави Дејли телеграф повикувајќи се на Амнести интернешнал, a пренесува МИА.

На нови сателитски снимки се гледаат размерите на уништувањето при заземањето на бунтовниците на 2 и 7 јануари.

Околу 3.700 домови и други објекти се уништени во двата града од кои 620 во Бага и 3.100 во Дорон Бага. Дорон Бага е речиси избришан од мапата при 4-дневната опсада на терористите.

– Од сите напади анализирани од Амнести интернешнал, тоа е најжестокиот досега, вели Даниел Ејре од организацијата.

– Тоа е напад со предумисла врз цивили чии домови, клиники и училишта се веќе урнатини, додава тој.

Во нападите убиена била и жена која се породувала, вели сведок кој додава дека се убиени и деца. Жртвите меѓу цивилите се стотици, додава АИ во извештај.

Локален жител кој успеал да побегне од Бага вели дека „одел врз трупови“ речиси пет километри додека се обидувал да побегне.

Претпоставките се дека нападот е одмазда за соработката на локалните милиции со силите за безбедност. Сведок вели дека исламистите од Боко Харам оделе од куќа во куќа и убивале. Според податоци на ОН, најмалку 11 илјади луѓе побарале засолниште во Чад за неколку дена.