Бокрош: Грција е смешна, а нејзината блокада врз Македонија е срамна

Членовите на Европскиот парламент не се свесни дека Македонија има кандидатски статус речиси десет години и затоа во дебатата во европскиот парламент ја нагласив таа информација, вели за „Дневник“ унгарскиот европратеник Лајош Бокрош, инаку член на групата на европски конзервативци и реформисти.

На прашањето да „Дневник“ зошто смета дека не се свесни, Бокрош вели: Искрено, не знам, ама се обидувам да помогнам колку што е можно, и би ја советувал македонската Влада да дејствува директно преку амбасадите во земјите-членки на ЕП. Македонија може да си помогне самата, ако го направи својот случај повидлив во Парламентот. Без оглед колкупати ќе им кажам на пратениците дека ова е срамно за Европскиот парламент, поточно за Европскиот совет, тие единствено велат дека не можат да помогнат, бидејќи Грција го блокира напредокот. Мислам дека Грција нема право да блокира, а, од друга страна, не мислам дека во ситуација кога на Грција и’ треба финансиска помош, Германија, Франција и други земји не се во позиција да ја убедат Атина дека треба да прекине со блокадата за Македонија.

Тој смета дека ако ЕУ не и’ помогне на Македонија да се приклучи, порано или подоцна луѓето ќе речат „зошто е важно за нас да влеземе“.

„Тоа е негативен импакт кај луѓето. Со покажување дека ЕУ не може да ја убеди Грција да ја прекине блокадата, може да им помогне на тие негативни сили и во Македонија. Тоа е проблем. Не правам какви било прелиминарни заклучоци за тоа. Сакам да и’ помогнам на Македонија“, истакнува тој. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.