Болницата „Санте плус“ со реакција откако доби забрана за работа

Во врска со соопштение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за изречената забрана за работа на нашата болница поради констатирани недостатоци, реагираше и болницата „Санте плус“ која наведува дека констатираните недостатоци се од административно – сметководствена природа и истите се отстранети уште во текот на вчерашниот  дел.

„Имено, недостатоците се однесуваат на тоа што дел од вработените биле пријавени во АВРМ на определено а не на неопределено работно време. Оттука, самата одлука на ДСЗИ е беспредметна и не разбираме на кој начин горенаведените недостатоци имаат ефект на работата на нашата болница.

Меѓутоа, во ова прилика сакаме да ја истакнеме нашата загриженост од ваквите тенденциозни објави од страна на ДСЗИ. Имено, сметаме дека објавата за затворањето на нашата болница поради некакви констатирани недостатоци, притоа да се премолчи административната / сметководствена природа на такви недостатоци, е дадено со единствена цел да се наруши нашата репутација и да се создаде впечаток дека се констатирани некакви недостатоци од медицинска природа, што е апсолутно неточно.

Напротив, во текот на досегашните инспекции од Комисијата формирана од Министерот за здравство, а поврзани со пациентката Дебора Ќерими Џамбази, е увидено дека целата интервенција е извршена согласно постоечките медицински протоколи од страна на персонал кои се врвни стручњаци во својата дејност.

Сметаме дека ваквите тенденциозни и субјективни соопштенија за јавност единствено ќе ја нарушат репутацијата на Министерството за здравство во чиј состав работи ДСЗИ.

Во случајот со пациентката Дебора Ќерими Џамбази нашиот висококвалификуван кадар во овој медицински случај ги дадоа најдобрите напори да ја реанимираат пациентката и нејзиното бебе, при што успеаја да го спасат бебето, но за жал пациентката го загуби животот во КАРИЛ каде што беше транспортирана со придружба на наши лекари“, се наведува во реакцијата.