Болницата во Струмица ќе прерасне во модерен здравствен објект

Струмичани ќе добијат модерен здравствен објект. Започнатата градба на објектот на Општа болница Струмица, кој е изграден до фаза карабина во 1985 година, ќе биде дооформена и жителите на струмичкиот регион ќе добијат нов здравствен објект. Со ова, како што рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров, Владата ќе реализира уште едно свое ветување од Програмата.

Станува збор, како што појасни за објект кој стои речиси 30 години и практично тоа ќе дојде како градба од почеток, со што пациентите од струмичкиот регион ќе добијат нова болница.

 Оваа болница обезбедува здравствени услуги за жителите од Радовиш, Валандово, Дојран, Богданци, Пехчево и  Берово, односно за над 230 илјади жители. Според податоците од системот МојТермин само во текот на 2015 година над 53 илјади пациенти се упатени кон оваа болница, а креирани се над 190 илјади упати кон болницата, рече Тодоров, пренесува МИА.

Тој информира дека тендерот е веќе објавен, односно отпочната е тендерската постапка за градежните работи на објектот на Општа болница – Струмица, а отворањето на понудите е на 5 -ти февруари. Вредноста на овој проект  е проценета на 275.000.000 денари.

Иако предвидениот рок за овој проект кој го дадовме пред граѓаните во Програмата на Владата беше вториот квартал од 2017 – 2019 година, сепак Владата донесе одлука за повеќегодишна набавка, односно вложи заложби за ова исклучително значајно ветување за граѓаните од Струмица и струмичкиот регион да го реализираме, како што сме ветиле, па дури и пред предвидениот рок, истакна Тодоров.

bolnica-1

Објектот ќе се простира на површина од 6.500 метри квадратни

Со овој проект, како што додаде, предвидено е дооформување и адаптација на постојниот  објект, таканаречениот „Хируршки блок“, кој се состои од два блока: блок А и блок Б и со овој проект опфатени се и двата блока со вкупна површина од околу 6.500 м2.

Блокот А има приземје и четири ката и се развива на површина од околу 5.100м2, додека блокот Б се состои од приземје и два ката со површина од околу 1.400м2, додаде тој.

Инаку…

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.