Болницата во Струмица ќе прерасне во модерен здравствен објект

Инаку, во 2002 година е иницирано дооформување на објектот, при што се извршени работи на дел од објектот – преградни ѕидови, скали, лифтовски окна, кровна конструкција со покрив од профилиран лим, мал дел од инсталациите и сл.

Според потребите во објектот предвидено е да се сместат ургентниот центар,  приемниот дел за стационирани пациенти, стационари за хируршки болести, ортопедија и трауматологија, уролошки болести, пластична хирургија, гинекологија и акушерство со неонатологија, одделението за очни болести и одделението за болести на уво, нос и грло.

Во овој објект, како што посочи, е предвидено да биде и оперативниот блок – составен од три операциони сали за општа и дигестивна хирургија, за трауматолошко-ортопедски интервенции и други чисти оперативни зафати, урологија и пластична хирургија, офталмологија и ОРЛ, како и интензивна нега, централна стерилизација, и лабораторија за патологија.

 Според досегашните индикатори за работата на болницата и целите кои треба да се постигнат во Општата болница во Струмица (80 отсто искористеност), идниот капацитет на овој блок, кој треба да се оформи во недовршениот објект, се дефинира со вкупно 83 болнички кревети, рече Тодоров и додаде дека се планирани три/четирикреветни, двокреветни и еднокреветни соби. Секоја соба за хоспитализирани болни има своја сопствена бања, со туш и тоалет.

Имајќи предвид, како што нагласи, дека објектот повеќе од 10 години е во истата состојба, односно тогаш биле извршени определени зафати, но објектот од тогаш не се користи, предвидено е, покрај функционалните адаптации, да се изведат и сите неопходни градежни, градежно-занаетчиски и инсталатерски работи за истиот да се стави во функција.

Во овој контекст со проектот се предвидува и комплетен БМС – Центар за интелигентно управување со објектот, компјутерски центар за интеграција на сите системи во болницата, како и пристап од улицата до влезот и Ургентниот центар, поправка на фасадата, терасите, столаријата, покривот, настрешниците и проверка на делумно изведените инсталации со цел истите да се усогласат и изведат според новото функционално решение.

Во Општа болница Струмица, како што рече министерот, во изминатиот период беше извршена и доградба, реконструкција и адаптација на приземјето на влезот на амбулантно-поликлиничкиот дел, градежно-занаетчиски услуги од различен вид – поправка на кров, ѕидарски, молерски, керамички и други работи, реконструкција на постојниот оперативен блок, како и реновирање на болничка аптека, оддел за физикална терапија, дел од психијатрија со санитарни јазли и нова амбуланта, варосување на целата болница и асфалтирање на влезот и предниот дел од болницата. – Само за реконструктивни зафати се инвестирани над 31 милиони денари за оваа јавна здравствена установа, додаде Тодоров.

Воведени низа нови методи во струмичката болница

Во однос на приближување на здравствените услуги до жителите од градот Струмица и околните места, потсети дека успешно функционира Центарот за интервентна кардиологија и од почетокот на годинава досега се извршени 270 интервенции.

Од оваа година е воведена и фибероскопија, ОРЛ – дијагностична метода, а во областа дерматологија за првпат е воведена дермоскопија – дијагностичка метода за откривање на кожни промени и откривање меланоми на кожата. Во оваа установа ја воведовме и ФАЦО-методата за операција на катаракта и досега е успешно интервенирано кај 360 пациенти, рече министерот за здравство.

Дополнително, как што истакна, во струмичката болница изминатиот период беа воведени и други методи како: колоноскопија, ехо на колкови на доенчиња, артроскопија на колено, суптотална протеза на колкови, третирање на фрактури на натколеница. Во областа урологија се работат ендоскопски интервенции (трансуретрална ресекција на простатата, трансуретрална ресекција на тумори од мочен меур, трансуретрална ресекција на вратот на бешиката, кршење на камен во уретер и мочен меур).

Со сите овие новини, континуирано вложуваме во унапредување на условите за третман и лекување на пациентите – мерки кои значат директен бенефит за над 230 илјади жители од Струмица и поширокиот регион, истакна на денешната прес-конференција министерот Тодоров.