Македонија

Бомбашки напад во Кабул во близина на аеродромот каде има 13 македонски војници

Бомбашки напад во Кабул во близина на аеродромот каде има 13 македонски војници

Бомбашки напад во Кабул, Авганистан во близина на аеродромот кој го обезбедуваат и 13 македонски војници. Ранети се двајца цивили, а нема повредени припадници на АРМ, дознава ексклузивно Алфа.

Од Армијата за Алфа го потврдуваат нападот, но велат дека сите нивни припадници се добро, на безбедно и сигурно место, нивниот живот не е загрозен и редовно ги извршуваат своите задачи. Дополнителни информации не даваат бидејќи тие биле од доверлив карактер, процедурата за нивно соопштување била регулирана со актите на НАТО.

Камионот – бомба експлодирал на бензинска пумпа во близина на воениот аеродром во Кабул. Според локалните власти најверојатно станува збор за неуспешен и предвремено извршен самоубиствен бомбашки напад бидејќи возилото пред да експлодира се обидувало да влезе во заштитната зона во центарот на градот.

Одговорноста за нападот ја преземаа Талибанците објавувајќи порака на социјалната мрежа Твитер. Ова е прва експлозија во главниот град на Авганистан во последните три недели, претходниот напад се случи на почетокот на јануари кога автомобил – бомба уби 1 и повреди 5 цивили.

АРМ има испратено 38 војници во Авганистан. 13 го обезбедуваат аеродромот кој денеска беше нападнат, 20 главната база и штабот на НАТО, а 5 се на северот на земјата.