Бомбастичните најави за креирани разговори се доказ дека Заев е свесен за своите манипулации

Зоран Заев продолжува да го тера своето деструктивно сценарио, и без поддршка од граѓаните продолжува да објавува креирани, сечени и монтирани материјали, реагираат од ВМРО ДПМНЕ на денешната прес конференција на лидерот на СДСМ, на која ја објави снимки од снимени телефонски разговори, чија веродостојност не е потврдена.

„Наводите кои се обиде Зоран Заев да ги конструира во денешната прес конференција се чиста манипулација и невистина. Бомбастичните најави за креирани разговори се само доказ дека и Зоран Заев е свесен за своите манипулации.
Го потсетуваме Зоран Заев дека за истите конструкции беше испратено официјално соопштение од страна на Владата на Република Македонија, во кое јасно беше одговорено дека Никола Груевски не поседува никаков друг имот надвор од оној кој е пријавен во неговиот анкетен лист, а кој е и јавно објавен. Ваквите наводи на Заев и тогаш и сега се целосно измислени и невистинити“, пишува во реакцијата.

Понатаму во рекацијата на ВМРО ДПМНЕ стои дека Заев се обидува да се добере до власт без поддршка од народот, без избори, со помош на странски центри и соработници, веќе е прочитан.

„Очигледно дека Зоран Заев станува се понервозен кога од сите страни се потврдува неговата соработка со надворешни центри кои не и мислат добро на Македонија, кога постојат признанија од лицата кои учествувале во нечесниот чин, а кои директно соработувале со Верушевски, и на крајот на краиштата кога самите граѓани му покажуваат дека ваквите ниски обиди не се прифатливи за нив“, стои во реакцијата.

Според ВМРО ДПМНЕ народот е најмеродавен да каже кому му верува и на кого ја дава својата поддршка.

„Дали тоа е политиката на соработки со странски центри спротивно на нивните интереси, уцени, закани, монтирања и лаги кои ги прават Заев и СДСМ, или тоа е политиката на проекти, фабрики, нови патишта, училишта, болници, повисоки плати и пензии кои ги прави ВМРО-ДПМНЕ“, стои во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ на денешната прес конференција на лидерот на СДСМ Зоран Заев.