Бончановски за Дневник: Цената ја намаливме од 40 на 15 денари, а ме направија хохштаплер

Дневник три дена пред да биде притворен по барање на СЈО за случајот „Транспортер“, разговарал со поранешниот претседател на Kомисијата за јавни набавки при општина Битола, Слободан Бончановски.

Тој заедно со битолскиот градоначалник Владимир Талески се осомничени дека организирале школски транспорт по цени неколкукратно повисоки од оние во јавната набавка. Или како што беше кажано на прес-конференцијата на СЈО, Битола ги превезувала учениците поскапо од оние во Токио, пишува Дневник.

Kако поранешен претседател на Kомисијата за јавни набавки, СЈО ве осомничи дека заедно со битолскиот градоначалник сте ја злоупотребиле службената положба. Изнесените обвинувања според кои злоупотребата е вршена на грбот на учениците и нивните родители се многу тешки?

Мислам дека сè беше тенденциозно. На прес-конференцијата на СЈО беше посочен само претседателот на Kомисијата за јавни набавки, а комисијата е колективно тело и работи со три члена со исти права и обврски. Не знам зошто ме споменаа само мене и кажаа дека претседателот на Kомисијата е константа со градоначалникот. Во моето работење нема никаков криминал.

Да почнеме од почеток. Зошто Општината мораше да ја спроведе постапката за јавна набавка на превозници за бесплатниот школски превоз?

Во ноември 2008 година, Општината доби писмо од Министерството за образование дека од второто полугодие од 2009 година треба да се организира бесплатниот превоз. Се обидовме писмено од Министерството за образование да добиеме податоци за бројот на ученици и релации, но не ни испратија, па моравме сами да ги собираме. Беше формирана Kомисијата за спроведување на јавната набавка и беше одлучено Општината да ја спроведе постапката од економски причини зашто на една линија каде што поминува автобусот се превезуваат ученици за сите училишта. Релациите од местото на живеење до училиштето, бројот на ученици ни беа доставени во писмена форма од директорите на училиштата. Беа избрани најдобрите понуди.

Од СЈО Ве обвинија дека цените по кои сте го организирале транспортот биле поскапи дури и од Токио?

На јавната набавка видовме дека цените што ги понудија превозниците беа високи. Ги споредивме со цените по кои дотогаш вршеле превоз како подизведувачи на Здружението на превозници „Исток“ од Скопје. Во период на ек на училишната година и споредбено дека се истите цени, одлучивме дека не е момент да поништуваме постапка поради високи цени зашто нема да имаме воопшти превозник и ќе треба да се врши превозот без договори, што беше уште полошо. Го избравме помалото зло за да се спроведува превозот по исти цени што биле дотогаш.

За какви цени зборуваме?

Превозот со градски автобус беше 40 денари во еден правец, односно 80 денари дневна карта. Баравме начин како да ги намалиме цените зашто навистина беа високи. Се консултиравме како се врши превозот во Скопје. Таму се врши со јавно претпријатие, а цените за градскиот превоз ги одредува Советот на Град Скопје. Ние во Битола немаме јавен превоз, но со одлука на Советот има доделени линии што ја вршат улогата на градски превоз. Донесовме одлука на Совет во 2010 година за висина на цената на вршење на градскиот јавен превоз. Ја симнавме цената за локален транспорт од 40 денари на 15 денари.

целиот разговор прочитајте го во ДНЕВНИК