„Борба за смрт“ награден на фестивал во Грција

Краткометражниот филм „Борба за смрт“ во режија и по сценарио на Елеонора Венинова, освои награда на Меѓународниот филмски фестивал во Драма, Грција што се одржа од 19 до 24 септември.

Филмот ја освои Специјалната награда за најдобра машка улога, која им се доделува на двајцата ветерани Мите Грозданов и Илија Струмениковски за нивната изведба во парадоксалната драма на младата режисерка.

– Се радувам за наградата, особено зашто е награда за глумците. Многу често на овие фестивали се наградуваат режисерите, а актерите се во втор план, иако нивната игра има голем удел во самиот филм. Драго ми е што Мите и Илија го добија ова признание, со оглед на тоа што работеа во тешки услови, но со многу љубов и посветеност, вели Венинова.

Струмениковски објаснува дека за него било големо задоволство и чест да работи со екипата на „Борба за смрт“.

– Оваа награда ме прави пресреќен и верувам дека секој мој колега, кој добива награда од својата фела го дели истото чувство. Тоа кажува дека она што си го направил, навистина вредело. За мене важна алка во целиот процес беше и дружењето со сите тие луѓе на сетот, но и големото разбирање. И јас и колегата Грозданов се вљубивме во самите ролји, изјавува Струмениковски.

Грозданов, пак, вели дека екипата работела со голем ентузијазам.

– Се радувам на наградата. Особено се радувам и затоа што жирито кое ни ја додели наградата е интернационално, и луѓе од целиот свет ги слушнаа нашите дијалози на македонски јазик. За мене тоа е многу важно, истакнува актерот.

Сценариото за „Борба за смрт“ учестуваше на неколку работилници за развој на кратки филмови во Литванија, Романија и во Грција. Токму на Меѓународниот филмски фестивал во Драма, пред две години ја освои и наградата за најдобро сценарио на работилницата „Драма пичинг лаб“.

Струмениковски и Грозданов толкуваат улоги на двајца старци кои се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село. Филмот ги разоткрива дилемите за тоа што ќе се случи ако на човек, кој животот го свел на исчекување на смртта, одеднаш некој му го уништи планот за умирачка.

Продуцентот Кралевски информира дека филмот ќе се најде и на програмите на претстојните изданија на Фестивалот за краток филм во Измир, Турција, како и на Тузла филм фестивал во Босна и Херцеговина, а најави и следен проект со режисерката Венинова.

– Во подготовки сме за долгометражен игран филм со работен наслов „Преекспонирано“, кој е примен на работилница на „European Script Meeting“ во Рига, вели Кралевски.

„Борба за смрт“ се снимаше минатото лето во село Кален, Прилепско. Директор на фотографија е Димо Попов, монтажер и продуцент Гоце Кралевски, дизајнот на звук е на Дарко Спасовски, а сценограф e Никола Ангеловски. Филмот го продуцираше „ДНФ филмс“, а е поддржан од Агенција за филм на РМ и од „Канал 5“.