Борбата за позиции предизвика обвинувања за криминал во владината коалиција

На повидок е посериозна криза меѓу партнерите од владејачката коалиција, пишуваа во четвртокот медиумите. Во министерствата забележлива е растечката нетрпеливост особено меѓу кадрите на СДСМ и ДУИ. Првите се нестрпливи да ги заземат позициите во ресорите кои им припаднаа, а вторите не сакаат да ги отстапат фотелјите кои социлјадемократите им ги ветиле на своите членови, како и на другите коалициони партнери од Алијансата.

Односите сé повеќе се заоструваат, а тоа може да се забележи од зачестената критичка реторика која претставниците на потесното раководство на СДСМ ја применуваат при своите јавни настапи кон претставниците на ДУИ од претходниот владин состав, кои сега се нивни соработници, а дел од нив продолжија и да раководат со институциите на системот, обвинувајќи ги за несовесно и незаконско работење.

Најновите напади дојдоа од актуелната министерка за образование Рената Дескоска која при вчерашното гостување во дебатна емисија на една национална телевизија, ги обвинуваше поранешните министри од редовите на ДУИ кои неколку години раководат со министерството, дека го запоставиле секторот, работеле противзаконски, склучувале сомнителни договори за набавка на учебници и максимално ги трошеле средствата за репрезентација доделени на институцијата.

Дескоска изјави дека „овој ресор се користел повеќе како ресор за профитирање, отколку како ресор во кој треба да се подигне квалитетот.“

„Во министерството, последните години министрите прво се луксузирале, а потоа ги плаќале сметките за струја, парно и вода во студентските домови“, рече Дескоска не алудирајќи на конкретни министерски имиња, иако веќе 4 години со овој ресор раководат кадрите на ДУИ кои се сега коалициони партнери на СДСМ.

Следниот нејзин коментар беше дека „најголемата реализација на буџетот за 2017 година до мај месец е ставката за репрезентација, каде се потрошени 114.223 евра. Таму е топ реализација на буџетот, по 22 илјади евра месечно“.

Според извори на Курир.мк, веројатно е и главната причина за револтот на Дескоска и одлуката со ребалансот да скрати милиони денари кои биле предвидени за Институтот за културно и духовно наследство на Албанците, како и за изградби и реконструкции на спортски сали и училишта во средини каде мнозинско е населението со етничко албанско потекло.

Дали толеранцијата која постоеше кај СДСМ до склучувањето на политичкиот брак и изземањето од противзакоснките снимани и креирани материјали, се претвори во тортура и притисок врз ДУИ, која сеуште не реагира на сите јавни обвинувања?

Засега од најголемата политичка партија во албанскиот блок нема никаква реакција, но изворите велат дека таму постои голема нервоза и дилема околу натамошното делување и опстанокот на коалицијата. Информациите велат дека се подготвува план за спречување на ваквите оцрнувања на партиските кадри на ДУИ.

Како и да е, ситуацијата остава сомнеж дека на повидок е сериозна криза меѓу владејачките партнери.