Борците за медиуми тргнаа жестоко против „Дневник“

Текстот објавен во денешниот број на весникот „Дневник“, во кој се открива дека голем број на новинари блиски до опозицијата, на свое име поседуваат и по неколку фирми, по се’ изгледа ги погоди „директно во срце“. Голем број од нив жестоко реагираа на објавеното, се расфрлаа со „писанија и оправданија“ по социјалните мрежи. На Фејсбук се фрлаат дрва и камења по редакцијата на „Дневник“ и новинарката автор на текстот. Бранко Героски отиде до таму што нивинарката на „Дневник“ ја нарече мочла. Во неговиот текст меѓу другото се вели:

„По згаснувањето на неделникот ’Сега’, фирмата издавач БГ Пресс е неактивна. Издавач на порталот ’Плусинфо’ е здружението Член 16, кое не е ’мое’, туку на неговите членови. Податоците за тоа кој е издавач и кој работи во ’Плусинфо’ ги пишува во импресумот. ’Мајка и дете’ е портал на мојата сопруга Биљана Илиќ. Не би имал ништо против да ’се води на мое име’, бидејќи проектот е успешен и корисен, но ете, тоа е лага. Наведената адреса на 50 Дивизија е адреса на стан – деловен простор во сопственост на мојата сопруга.
И што е тука спорно? Нека се обиде мочлава од ’Дневник’ да пронајде државни тендери во нашите проекти. Или коруптивни зделки. Или било што да се коси со законот и со етиката.
Нема, нормално. И бидејќи нема, мочлата, демек, ни посакува среќа. Море марш таму!“, пишува Героски.

Новинарката Менче Атанасова Точи која исто така е прозвана во текстот се заканува дека ќе тужи дури во Стразбур.

„’Дневник’ не е веќе ниту за тоалетна хартија, штом на ваков ѕверски начин си игра со честа и угледот на новинарите. Дали се свесни дека и до судот во Стразбур ќе ги гонам“, вели Точи.

Ацо Кабранов се заблагодарува на колегите од „Дневник“ што се потрудиле околу фирмите кои ги има и понатаму објаснува за своите фирми.

„Во ’Глинка’ сум соосновач со Зоки Фаци, а таа фирма беше за издавање на таблоидот ’Крема’ и таа фирма не работи, откако ’Крема’ не се издава. Кај Геро во ’Плусинфо’ работев 3 месеци и бев во тимот, односно невладината што го издава порталот. Од кога заминав, со уште 5 колеги ја формиравме ’Про Либерти’ и таа го издава порталот ’Либертас’. Трета нема, грешка сте. Е сега, добро би било да ги проверите и салдата на сметките на моите фирми, и на вашите Ивона, Латас и слични на нив, да видиме какви пари влегувале и излегувале. Жал ми е што ќе се разочарате, но на мојата сметка нема ни пари ни криминали. Обидот да ги исперете вашите другарчиња, и не само нив туку и вашите газди ви е јалов. Јас нив не им завидувам, ќерка ми е научена на скромен, но исполнет живот и не сум бил никогаш оптоварен да трпам пари. Се водам од девизата дека се арам парите како на гореспоменатите, што вие несреќно се обидувате да ги исперете со нас. Ви благодарам што напишавте за да можам јавно да си кажам дека никогаш Ивона, Латас и такви како нив, нити ми биле, нити ќе ми бидат урнек, ни како да работам, ни како да живеам. Нивниот професионален живот е тежок, мојот е неоптоварен и правам и пишувам слободно тоа што мислам“, вели Кабранов.

Предраг Петровиќ од порталот ’А1он’ овој текст го нарекува хајка кон сите новинари кои не се под контрола на власта.

„Провладините медиуми со партиска задача – хајка кон сите новинари кои не не се под контрола на власта, а со која сакаат да ја релативизираат милионската тендерска афера, како и аферите за енормното богатење на одредени претставници на власта и медиумите кои работат за неа. Приказната по старото правило, но сега стартува од ’Дневник’, и по партиска наредба треба да ја пренесат сите провладини медиуми,“ вели Петровиќ.