Борис Немцов е убиен најверојатно од непрофесионалци

Рускиот опозиционер Борис Немцов е убиен најверојатно од непрофесионалци, пишува весникот „Комерсант“, повикувајќи се на претставници од полицијата, пренесува МИА.

Според експертите извршителите можеби и не знаеле против кого точно пукаат во петокот вечер во близина на Кремљ, објави весникот.

Експертите прават такви заклучоци врз основа на избраниот начин за убиство, оружје и муниција. Извршителите користеле муниција со калибар 9 милиметри, произведени во две различни руски фабрики во различно време. Според тоа, сторителите јасно имале проблем до пристап до муниција и собирале „од каде ќе стигнат“, нагласува претставникот.

Според „Комерсант“ пукано е од пиштол „Макаров“ или „Иж“, преработен за користење боева муниција.

Напаѓачите ја оставиле жива украинската манекенка Ана Дурицкаја, што била во придружба на Немцов. Според весникот, таа не можела да помогне многу во истрагата.

Младата девојка, поради шокот, не можела ниту да ја посочи марката на возилото со кое заминал напаѓачот, додека сите достапни безбедносни камери имаат недоволен квалитет и се нејасни.

Според Вадим Прохоров, адвокатот на Ана Дурицкаја, полициската екипа што го истражува убиството на Немцов, е предводена од инспекторот на многу важни федерални истраги Игор Краснов. Краснов претходно работел на случајот со атентатот врз поранешниот руски вицепремиер Анатолиј Чубајс во 2005 година, убиството на адвокатот Станислав Маркелов и новинарката Анастасија Бабурина во 2009 година во центарот на Москва.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.