Борисов му порача на Заев да внимава што зборува

Секој треба да внимава што зборува, тоа си е на негова штета, ја коментираше бугарскиот премиер изјавата на неговиот македонскиот колега Зоран Заев за македонскиот карактер на Илинденско-Преображенското востание.

„Ги оставам сите да ги премеруваат своите приказни, тоа е на негова сметка. Без разлика дали го кажал тоа намерно или ненамерно, се’ оди на негова сметка, бидејќи кога станува збор за ЕУ и ние мораме исто така да дадеме согласност, а ние во тие моменти ќе се сетиме на тие работи. Мој совет е да се биде повнимателен“, порача Борисов.

Оваа реакција на Бојко Борисов доаѓа по интервјуто на Зоран Заев за телевизијата 1ТВ, од 4-ти август, каде македонскиот премиер кажа: „Илинденското востание е македонско, и ако некој граѓанин на Бугарија сака, нека си го празнува“.

Инаку македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот бугарски колега Бојко Борисов на 2-ри август во Благоевград заедно, втора година со ред, ја одбележаа 115-годишнината од Илинденското востание.

Ова е вториот за помалку од седмица урок кој од Софија пристигнува на сметка на Заев, откако претходно бугарскиот претседател неколку дена по средбата објави за карактерот на Илинденското востание.

„Илинденско – Преображенското востание е херојски и трагичен венец на бугарското револуционерно движење за слобода и национално обединување“, стои во честитката на претседателот на Бугарија Румен Радев објавена на неговата официјална страница на фејсбук по повод одбележувањето на 115-годишнината од Илинденското востание.

„Со решителност и пожртввуаност, без надеж за помош од надвор, Бугарите од Македонија и Тракија се дигнаа во очајна, но достоинствена битка за правдина. Востаницитего издигнаа великото кредо на нашата национална револуција „Слобода или смрт“. Во битката загинаа многумина, затоа што знаеја и прифатија дека нивниот сопствен живот е историска цена на слободата. Ја почитуваме и нема да ја заборавиме нивната саможртва. Илинден нè потсетува дека слободата и истоската вистина мора да се ценат и ревносно да се бранат“, пишува во пораката на Радев, која има две поенти: Илинденското востание е дел од бугарското револуционерно движење, и дека тоа е за обединување на поделениот бугарски народ во Бугарија и Македонија.

Инаку, до минатата година во Бугарија не се празнуваше Илинденското востание, туку се чествуваше Илинденско-Преображенското востание кон крајот на август кога востанието започнало во Одринско. Втори август, исто така, кај источниот сосед не е се одбележува како празник.